Повампирувањето на партизанштината!
Но судбината е интересно нешто и кога ќе ја бараш вистината ќе ја најдеш, особено ако ти дојде на маса „пензиониран" УДБАШ (пред едно дестина години додека уште бев студент) и ти каже во прав текст „затни си ја муцката да не завршиш како вујко ти".
Почитувани партизански внучиња, вашите дедовци се бореа за Тито и Југославија и ги убиваа и затвораа нашите дедовци кои сакаа слободна и Независна Македонија.
ДЕЛ ОД СУДЕНИ ВО ШТИП ВО МАРТ 1946 година.
Панче Аџисмилев – осуден на 7 г., Наум Којзаклиев – осуден на 7 г. , Борис Давков – осуден на 6 г., Митко Илиев – осуден на 5 г., Васил Ефтимов – осуден на 4 г. , Љубчо Ефремов – осуден на 4 г., Васил Иванов – осуден на 2 г., Васил Хаџикимов – осуден на смрт, Никола Гичев – осуден на 10 г., Стефан Јанакиев Стефанов – од Кратово, убиен в затвор, Павле Марјанов – од Штип, осуден на 15 г.затвор, суден и во 1958 г. и осуден на уште 4 г.затвор, Панче Арсов – 45 г.од Штип, осуден на 10 г., Санде Манев – од с.Балван 45 г.,осуден на 15 г., Лазо Јованов – од с. Г.Балван 45 г.,осуден на 15 г., Ристо Тасев – од Штип 45 г.,осуден на 12 г., Трајан Николов – од с. Г.Балван 45 г.,осуден на 10 години.
Македонија е, беше и за жал уште долго ќе биде роб на партизанштината. Внучињата на „шумкарите” како што ги нарекуваше мојата баба, збесна само од една изјава за можеби и друга гледна точка за историјата и перцепцијата за иднината.
Тие не се научени да е така, тие имаат една верзија, зад чии грб седи диктаторот и убиец на сѐ што се бори за независна Македонија и верува во идеите на ВМРО, другарот Тито.
Нема како да заборавам како некои мои дедовци и нивни пријатели биле апсени и притварани бидејки „другарот” ќе бил на посета во Ниш, та да не му се случи нешто, оти овие ВМРО-вците кралот Александар го скинале та не Титота… Превенција УДБА-шка за секој случај.
Во моето семејство има една трагедија, смртта на мојот вујко, кој во 1973 година на само 26 години, оди на работа и не се враќа… Верзијата за неговата смрт е толку смешна и банална, што до последниот ден на животот мојата баба избегнуваше да ја коментира.
„Со некој си свој пријател на работа, си играле демек со некакви дршки од метли и така несакајќи го удрил што имал неколку пукнатини на внатрешни органи и починал”.
Каква патетика, каква лажна приказна!
Верувале или не и до ден денешен мои роднини и наши пријатели и комшии во Ново Село- Штипско веруваат во оваа приказна.
За волја на вистината, мојот брат е кардио-васкуларен хирург и неколку пати, чисто научно ми докажа дека такво нешто не е возможно и нема како да се случи со игра да се стигне до неколку пукања на внатрешни органи и смрт од крвоизлив… Според него, а и други пријатели лекари, тоа може да се случи само со умисла и тешко претепување.
Но судбината е интересно нешто и кога ќе ја бараш вистината ќе ја најдеш, особено ако ти дојде на маса „пензиониран” УДБАШ (пред едно дестина години додека уште бев студент) и ти каже во прав текст „затни си ја муцката да не завршиш како вујко ти”.
Нема како да ја заборавам онаа слика направена во 1942 година пред плочата на Тодор Александров во Ново село, каде беа наредени мојот дедо и пра-дедо и многу дедовци од Ново Село на чии глави стоеше калпак со многу интересен знак. Таа слика „несакајќи” ми ја покажа мојата баба.
Никој не сака да ги чуе внуците на војводите, а реално и да сакаш да ги чуеш ги нема во Македонија бидејќи тие истите, дедовците на повампирените „шумкарчиња” ги истребија, стрелајќи ги без суд и пресуда, фрлајќи ги по затворите во Идризово и Голи Оток, со јасна цел или да умрат или да им го скршат духот, та нивните наследници и од денешен аспект да им е страв да кажат и збор.
Тито умре а заедно со него и идејата за братство и единство, кое колку е братство и единство се виде по крвавиот начин по кој се распадна како кула од карти. Со смртта на диктаторот умре и идејата за „социјалистичка” Македонија.
Денеска сме должни да градиме наша, европска и модерна Македонија, во која нема табу теми од минатото. Денеска сме должни пред тие илјадници судени и убиени за ВМРО и Независна Македонија, кои беа малтретирани од дедовците на повампирените „шумкарчиња” во името на Југославија, а не за Македонија.