ПОТВРДЕН ИЗБОРНИОТ ДЕБАКЛ НА СДСМ Мицкоски го објави конечниот исход 56:6 во полза на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски му порача на СДМС дека мора да се отрезни, да расчисти со своето минато и да престане да биде срам за сопственото членство и за државата.

1,555

Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во целина. ВМРО-ДПМНЕ победи во 56 општини во Македонија, СДСМ во 6. Тоа не е случајност, тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова е уште еден тежок дебакл на СДСМ и на актуелното раководство на таа политичка партија, изјави вечерва на прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски.

– Денешните избори се доказ дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140.00 гласови не може да се претставува како силна и кредибилна опозиција. Но, проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки, тој е подлабок. Тоа е пораз на политиката што со години произведуваше криминал, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место. СДСМ мора конечно да се соочи со своето минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и од криминалот, нема ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакал. И тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави – рече Мицкоски.






Како премиер тој додаде дека има обврска да упати јасна и државничка порака:

– Македонија нема луксуз да губи време на хаос и на деструкција. Потребна ѝ е сериозна и одговорна политичка сцена. СДМС мора да се отрезни, да расчисти со своето минато и да престане да биде срам за сопственото членство и за државата. Државата е поголема од секоја партија. Стабилноста е поважна од секој политички интерес. ВМРО-ДПМНЕ ќе продложи со генерирање стабилност и со јасна цел – Македонија да оди напред сигурно и достоинствено.

Мицкоски оцени дека денешниот изборен ден во четирите општини поминал во демократска, мирна и достоинствена атмосфера.

– И покрај тешките временски услови и техничките предизвици, граѓаните го остварија слободно своето право на глас. Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици ова е вредност што мора да се чува и надградува без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово и Ростуше ВМРО-ДПМНЕ освои убедлива и многу важна победа. Победа повеќе од двојна. Оваа победа е јасна политичка порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност, дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати – рече Мицкоски.

Во другите општини изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии.

Поврзани содржини