ПОТРЕСНА СТОРИЈА ЗА СМРТТА НА ЕДЕН КУМАНОВЕЦ Починал со негативен тест, страдал за вода, го закопале бездушно во вреќа во гроб!

Ако се суди по директното обраќање на Филип Трендафиловски до министерот Венко Филипче, неговиот татко Зоран Трендафиловски починал под сомнителни околности и во застрашувачки болнички услови. Ќе има ли истрага за овој случај?

18,488

Шокантна приказна за смртта на кумановецот Зоран Трендафиловски на Фејсбук раскажа неговиот син Филип. За полесно следење на овој потресен текст, го изредактиравме. Подолу е и оригиналниот пост на Филип Трендафиловски, односно неговото јавно обраќање до министерот Венко Филипче.






Еве ја неверојатната приказна за последните денови од животот на Зоран Трендафиловски, раскажана од неговиот син Филип:

Господине Венко Филипче, немам многу што да прашам, повeќе имам да кажам. На ден 15.10.2020, татко ми беше примен во Кумановска болница на Интерното одделение, со температура и со кашлица. Нему на 15.10.2020 му беше направен рентген, со црна дамка на белите дробови, беше константирана ПНЕВМОНИЈА и беше вклучен на кислород, бидејќи имаше сатурација 70.

На 16.10.2020 му беше направен и корона тест (НЕГАТИВЕН). Бидејќи ситуацијата се влошуваше, сатурацијата падна на 40, по четири изгубени денови и борба за воздух, на ден 18.10.2020 тој беше пратен на Инфективната клиника во Скопје. Кога пристигнавме таму, по многу тропање и молење, се појави и Медицинско лице, кое со АРОГАНТНО однесување ни се обрати и ни рече дека сме требале да најавиме на влезот во Скопје дека доѓа пациент. Потоа чекавме цели 40 минути да излезе болничар со едно шише кислород.

Потоа почна хоророт. Не сакаа да го примат, бидејќи немаше позитивен тест на корона. Се чекаа БРЗИТЕ резултати во болничкиот круг. По 2 часа пристигнаа и резултатите со ПОЗИТИВЕН тест.

Бидејќи беа премногу зафатени, одлучија да нѐ пратат во 8 Септември, со зборовите „нема место тука“. Откако ја контактираа болницата 8 Септември, добија одговор: „Вчера вие ни вративте тројца, денеска ние ќе ви вратиме на вас“.

По богзнае колку часа чекање на студ, конечно го примија и му приклучија кислород. Сатурацијата се покачи, но амбиентот не беше пријатен, бидејќи само ни пристигаа пораки дека нема вода и кога ќе побара од пресоналот, тие дрско ке му одговорат „нека ти донесат твоите“ (подолу ќе се разбере и зошто).

Деновите минуваа, ситуацијата се влошуваше, информации добивавме само од пријатели и роднини кои работат во болницата во Скопје, телефоните за контакт ѕвонеа, но никој не креваше.

Потоа го ставија на концентриран кислород, па на високо концентриран кислород, но за жал, на ден 30.10.2020, беше префрлен на Интензивна нега. Тука престана секаков контакт со татко ми. Телефоните за информации конечно се оласија, дојдовме до информации дека терапијата е сменета и дека ако ситуацијата не се промени, за три дена ке биде префрлен на респиратор, таму ќе го задржат уште три дена и ако нема подобрување, пациентот ке биде исклучен (ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ).

За среќа, господ се смилува и терапијата делуваше полека но сигурно. Ситуацијата тргна на добро. Сатурацијата се искачи на 90. Добивавме информации од неколку познаници кои работат таму и по многу обиди на телефонот за информации, се огласија и од таму и ни кажаа дека е многу подобро, дека на ден 31.10.2020 има НЕГАТИВЕН ТЕСТ ЗА КОРОНА.

Ни рекоа дека е комуникативен стабилен и со стабилна сатурација, без вклучен кислород. Ни велеа дека ако не им веруваме, ќе ни го сликаат и ќе ни го покажат на камера.

Ни олесна малку. Конечно помисливме дека хоророт ќе заврши и дека за кратко време татко ми ќе си дојде дома. Но, малку беше застрашувачки зошто тој не ни се обраќа преку неговиот телефон (каде е телефонот).

Девет дена по негативниот тест за корона, на ден 07.11.2020, ние добивме повик од страна на стручниот медицински пресонал. Без никаква емоција, без да ја прашаат мајка ми дали е присутен некој до неа, ладнокрвно ѝ соопштија дека Зоран починал (на 58-годишна возраст), дека морале да го вклучат на кислород, дека имал сатурација 98, но срцето не издржало.

Ни кажаа да тргне некој од семејството да си го земе телото. Бидејќи брат ми остана да ја смирува мајка ми и да го организира погребот, јас лично тргнав по телото. Кога пристигнав таму, првин еден час барав по ходниците персонал за да ги известам за што сум дојден. Кога се појави портирот, ми рече да одам со погребалното од другата страна кај подрумот и да чекам во темница на студено време.

Во 1 часот по полноќ, по половина час, се појави медицинскиот персонал. Им рекоа на луѓето од погребалното да се облечат во скафандери, да се качат на првот кат со лифт и дека таму ќе им објаснат што треба да прават. По 10-15 минути се спуштија со бела херметички затворена вреќа, на која беше залепено само неговото име и презиме и неговите ствари. Без никаква идентификација заминавме дома. Телото беше ставено во фрижидер, а погребот се одвиваше следниот ден. Телото беше донесено точно во 2 часот, затворено и само како ѓубре фрлено во гроб. Болката и тагата беа преголеми…

Зошто во личните ствари на Зоран го нема телефонот?

Зошто ако Зоран беше негативен, со два стента на срцето, сѐ уште беше задржан на Инфективната клиника? Зошто зоран не беше префрлен на Клиниката за пулмологија, каде семејството ќе можеше да му даде поддршка?

Зошто ако Зоран беше негативен, не доби погреб каков што доликува?

Повеќе немам никакви прашања. Додека минуваа овие 21 ден, болни и тажни, денови кои засекогаш ќе ми останат во сеќавање, имав милион прашања (како, кога, зошто). Сега имам само одговори. Имам одговори за сите луѓе кои минуваат или поминале низ истото како јас. Стручниот медицински персонал не го уби Зоран, го ДОУБИЛЕ, му го украле телефонот кој му беше единствениот контакт со нас.

Како му беше на Зоран без никакви информации за најблиските?

Немаше никакво топол збор. Девет дена дена беше препуштен самиот на себе, зашто така е во болница во која нема чешма за вода, во која ако на болните (со температура) вода не им испратат најблиските, ќе починат за вода, болница во која ако не дадеш од 100 до 500 денари на портирот, цел ден ќе ти скапуваат кесите на портирницата, или ако дадеш, додека да излезеш од болничкиот круг, ќесите ке бидат качени. Дали е тоа затвор во кој те изолираат од живиот свет? Зашто, кога сакав да испратам вредни ствари, ми рекоа – внимавај, ќе ги украдат, зашто се краде.

Дали медицинскиот персонал има мали плати или ја злоупотребуваат работната позиција?

Понекогаш ве гледам на телевизија и ве слушам. Бројката ви расте, стравот меѓу граѓаните е сѐ поголем, кажувате како болницата е опремена и како сте спремни за вториот бран, како сѐ да е мед и млеко. И си помислувам, човек може да добие голема желба да се разболи. Но, реалноста е друга. Хоророт е таму. Луѓето умираат за вода и за топол збор од најблиските. Татко ми почина од тромб, далеку е од корона, жално е што моравте да го водите како починат од корона, бидејќи бројката мора да расте а и стравот со нејзе…

Нема да продолжам понатаму и да спијам мирно, сѐ додека правдата не излезе на виделина. Болката ми го копа срцето, а солзите ни ги горат лицата, на мене и моето семејство. Позади Зоран останаа три сина, три снашки, три внучиња и четврто на пат…

Им посакувам на сите луѓе кои се во иста ситуација како моето семејство, а особено на оние кои се во ситуација како Зоран, да останат храбри и силни.

ПОЧИВАЈ У МИР, ТАТИЧКО МОЈ…

Напомена на Редакцијата на Плусинфо: Сочувствувајќи со болката на семејството Трендафиловски, но и со гиолема почит кон македонските лекари и друг медицински персонал кој влоѓува натчовечки напори во битката против ковид-19, сметаме дека најмалку што мора да се стори во овој случај е да се истражат наводите од ова обраќање до Филипче. Не половина, не една четвртина, една десетина од ова што е напишано да е точно, тогаш тоа значи дека ние имаме многу посериозен проблем отколку што претпоставуваме и во најцрните сценарија.

Еве го и оригиналниот пост на Зоран Трендафиловски:

Поврзани содржини