ПОТРЕБНО Е „ЧЕШЛАЊЕ“ НА ПРАВОСУДНИОТ СИСТЕМ Тупачевски вели дека треба да се детектираат и отстранат аномалиите
Mинистерот за правда кажа дека 0дредбата за злоупотреба на службена положба и овластување на многу форуми ја нарекувал „рисајкл бин“. Бидејќи ако не знаете за што да обвините, повелете употребете злоупотреба.
Министерот за правда, Никола Тупанчевски најави поместувања во правосудниот систем. Треба да се детектираат и да се отстранат аномалиите, потенцираше тој во вечерашната „Вин-Вин“ на Телма, но се воздржа од коментар за случајот со екс-претседателот на кривичен, Владимир Панчевски, кој денеска излезе од затвор.
Тупанчевски смета дека постои потреба од детектирање на состојбите и брзо да се реагира за отстранување на одредени аномалии коишто се составен дел од правосудниот систем.
– Дефинитивно никогаш повеќе не треба да се повикуваме дека криво е правосудството. Ќе треба еднаш засекогаш да застанеме и дадеме име и презиме, идентификација, да се персонализираат и состојбите, меѓутоа и лицата кои придонесуваат за таквото негативно стојалиште или негативен став кон овие состојби – изјави Тупанчевски.
Вели дека капацитетот на Министерството за правда во моментот е насочен кон тоа да направи колку што е можно повеќе за да се создадат оптимални услови за некои состојби да не се повторуваат.
– Факт е дека треба да се менуваат работите. Стојам на тоа дека тоа не може да се направи преку ноќ или некои состојби што траеле со декади наназад би можеле да се решат за месец и еден ден, колку што сум на позицијата. Верувам дека ќе имам малку повеќе можности, разбирање и соработка со сите останати инститиуции чија што задача е да стигнеме до она што се нарекува правда – изјави Тупанчевски во интервјуто за Вин-вин на Телма.
Советот на јавни обвинители откако постои не изрекол ниту една дисциплинска и не разрешил ниту еден обвинител. Илузорно е да очекуваме дека во 30 години ниту еден обвинител не погрешил, изјави вечерва министерот за правда Никола Тупанчевски во емисијата „Вин-вин“ на телевизија Телма.
Министерството за правда, посочи Тупанчевски, само создава оптимални услови за работа и не е негова надлежност оценувањето на работата на јавните обвинители и судии.
Тој смета дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да бидат главните фигури со капацитет, храброст и доблест да се занимаваат со квалитетот на работата на судиите и јавните обвинители.
– Очекувам во иднина и ги охрабрувам членовите на Советот на јавни обвинители да бидат на ниво на задачата, затоа што досегашното искуство покажува дека тој ќе треба малку повеќе да се заложи, бидејќи илузорно е да очекуваме дека во 30 години ниту еден обвинител не погрешил … Само треба да се каже уште еднаш дека и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители дефинитивно треба да бидат на ниво на задачата и ингеренциите кои што им се дадени со Устав, изјави Тупанчевски.
Јавното обвинителство, рече Тупачевски, подготвува годишни, полугодишни, месечни извештаи и не може обвинителите да не знаат што се случува во нивниот работен дом и како постапуваат останатите нивни колеги.
Посочи дека одредбата за злоупотреба на службена положба и овластување како професор ја нарекувал „рисајкл бин“ – бидејќи, како што рече, ако не знаете за што да обвините, повелете употребете злоупотреба.
– Прееластична е и дава сериозен комодитет на субјектите кои правораздаваат да интерпретираат како може да се примени. Доколку се погледне казнената политика за службена положба и овластување, ќе видите една сериозна контрадикторност, бидејќи најголем дел од пресудите се условни, изјави Тупанчевски.