ПОТРЕБНО Е БРЗО НО НЕ ИЗБРЗАНО РЕШЕНИЕ Ковачевски одбива да лицитира датуми

282

По првата работна посета на премиерот Димитар Ковачевски на ЕУ и НАТО во Брисел, тој уверува дека неговата влада сака да вложи максимален напор за разбирање меѓу Скопје и Софија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

За него е од голема важност да се изнајде рамнотежа помеѓу квалитетно и брзо решение, стратешката цел на полноправно зачленување во ЕУ останува највисок приоритет на оваа влада.






Надежите се дека до крајот на француското претседателство на 30 јуни блокадата ќе се крене од бугарска страна благодарение на јасен патоказ заснован на разбирање и компромис помеѓу сите страни, но Ковачевски одбива да лицитира со датуми, знаејќи дека Северна Македонија пречесто се удри од тој ѕид.

– Рамката која што ја поставивте како прашање нормално дека во текот на процесот треба да излезе некаква рамка којашто јас не ја гледам како некаков формален документ на хартија, што на крајот на денот веројатно и ќе биде ставено, меѓутоа рамката треба да претставува адресирање на отворените прашања помеѓу двете страни. Она што исто така го разговаравме тука е дека решението на прашањата треба да биде во духот на европските вредности, на взаемно почитување помеѓу двете држави и на задржување на достоинството на граѓаните и во едната и во другата држава. Кога ќе имаме такво решение тогаш ќе можеме да кажеме дека е нешто што може да се сподели, јас не би се врзувал за датуми. Јас велам дека ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ – вели премиерот на Северна Македонија.

Тој им порача на европските политичари дека одолговлекувањето на процесот не само што го заморува општеството кое губи посветеност, како што вели тој, туку и отвора врата за други големи сили кои не се заинтересирани Северна Македонија, и целиот регион, да се приклучат кон ЕУ.

Што се однесува до шпекулациите дека ЕУ прави притисок – политички, економски, финансиски – врз Бугарија, премиерот целосно се оградува и не сака да зборува за „притисок“ врз соседна Бугарија.

 

Поврзани содржини