ПОТРЕБНИ СЕ НОВИ МЕРКИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКАТА И ЗДРАВСТВЕНАТА КРИЗА Коморите од регионот очекуваат отворен пазар без бариери
Сите говорници дискутираа по трите клучни теми кои беа фокус на Генералното собрание со ставање акцент на проблемите со кои се соочуваат компаниите во време на економска и здравствена криза предизвикана од ковид-19 и поддршката која коморите во соработка со надлежните институции им ја нудат на компаниите.
Потребно да се преземат понатамошни мерки за надминување на здравствената и економската криза, да се подобри соработката на коморите со владите од регионот за да се доенсат мерки кои ќе му помогнат на стопанството, да се отстранат бариерите за водење бизнис во регионот преку преземање нови и продолжување на започнатите заеднички иницијативи, а коморите целосно да се свртат кон компаниите и да понудат нови услуги кои произлегуваат од барањата и потребите на компаниите а се насочени кон зголемување на нивната конкурентност. Ова се главните акценти од Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори (АБК) на кое домаќин и претседавач беше Бугарската трговско индустриска комора.
Сите говорници дискутираа по трите клучни теми кои беа фокус на Генералното собрание со ставање акцент на проблемите со кои се соочуваат компаниите во време на економска и здравствена криза предизвикана од ковид-19 и поддршката која коморите во соработка со надлежните институции им ја нудат на компаниите.
Учесниците се согласија дека во изминатиот период се евидентирани големи загуби и пад на економиите скоро во сите сектори.
Генералното собрание на АБК оваа година фокусот го стави на искуствата кои коморите од АБК ги имаат во насока на поддршка на компаниите справувајќи се со пандемијата предизвикана од ковид-19, новите услуги кои коморите ги креираат за компаниите и регионалната соработка.
На Генералното собрание на АБК, говореше и потпретседателката на Стопанската комора и проектен менаџер за развој на новите совети, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска.
Георгиева Јовевска говореше за начинот на кој Комората се справува со здравствената криза преку формирањето на Кризниот шатаб, преку кој на дневна основа им се обезбедуваше континуирана достапност до информации од различни извори на компаниите, се даваа предлози – иницијативи до Владата за полесно поминување низ кризниот период, од кои голем дел беа преточени во конкретни мерки.
-Од вкупно 5-те сета на мерки кои ги донесе Владата, големо е нашето задоволство што дел од мерките за поддршка на стопанството предложени од нас не се однесуваа само на носење на краткорочни мерки за санирање на последиците од кризата, туку се предвидоа и системски реформи кои би се однесувале на целото стопанство – рече Георгиева Јовевска.
Таа на панелот посветен за поддршка на компаниите во услови на ковид-19 зборуваше за законските измени во корист на компаниите како оние на законот за царинска тарифа, со која ќе се услови намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали (усогласување на нивото на стапки во ЕУ) кое е едно од приоритетните прашања.
-За извозно ориентираните компании, кои реално и сега и во иднина ќе ја држат нашата економија на нозе, оваа мерка е силна поддршка која значително ќе влијае на зајакнување на конкурентноста на домашните производи и можност за нивно поголемо присуство на странските пазари – рече таа
Георгиева Јовевска се задржа и на активностит на Комората во врска со потребата од намалување или укинување на дел од парафискалните давачки како предвидена мерка, што е повеќе годишно барање на Стопанската комора.
– Приоритет се даде и на мерките за поддршка на инвестициските активности на компаниите во насока на унапредување на нивната продуктивност и конкурентност, со проширување на програмите за поддршка за инвестициските циклуси на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за стратешки инвестиции, но и со барање засилено да се применува концептот на јавно-приватно партнерство, особено во областа на енергетиката, инфраструктурата, екологијата, здравството и образованието – рече таа.
Потпретседателката на комората како значајни ги наведе и одржувањето на ликвидноста на компаниите, преку обезбедување државна кредитна и државна царинска гаранција и поефикасниот проток на стоки преку ослободување на коридорите за снабдување со репроматеријали за непречено работење за нашите компании.
Георгиева Јовевска апострофираше неколку клучни работи поврзани со новите услуги што ги нуди Комората направени преку внатрешната трансформација на комората.
– Трансформацијата на комората е процес кој започна преку спроведување на концептот на „Комора на иднината“, кој опфаќа формирање на Совети чија цел е да отворат перспективи за иновации, знаења и развој на нови пазарно ориентирани услуги и институции кои се од директна корист за компаниите. Во таа насока, во 2021 година Стопанската комора на Северна Македонија формираше четири совети. Сите тие директно или индиректно се поврзани и со образованието и развојот на најбитниот фактор за раст и успешна работа на компаниите, а тоа е човечкиот фактор, иновациите, и новите технологии – рече Георгиева Јовевска.
Новоформираните совети се:
- Совет за напредни технологии и унапредување на квалитетот во производството и услугите кој има за цел остварување на специфични интереси на домашните и странските компании со технолошки напредно производство, обезбедување консултативни и советодавни мислења и предлози во интерес на поттикнување на техничко-технолошкиот развој и унапредување на квалитетот во производството и услугите.
- Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања во фокусот на своето работење поставува организирање и поттикнување соодветни облици за континуирано функционално образование и иновација на знаењата на раководните кадри, како и на другите стручни кадри и професионална надградба на стекнатите знаења. За таа цел Советот во соработка со домашни и странски институции се фокусира кон развој и промоција на три едукативни програми: Школа за бизнис лидери, Развој на мали и средни бизниси и старт ап бизниси и Институт за извоз, кои ќе ја поттикнат имплементацијата на европските правила и стандарди и ќе бидат насочени кон создавање функционално неформално образовани и иновација на високообразовните кадри, што ќе води кон воспоставување на Школа за продуцирање кадри за извоз со интензија за прераснување во Институт за извоз.
- Советот за унапредување на индустриското производство и извозот има за цел да изгради стратегија и методологија за развој и поддршка на извозот и индустриските капацитети во соработка со Владата на Република Северна Македонија и сите релевантни меѓународни институции. Во фокусот на своето работење овој Совет ги поставува и активностите поврзани со поттикнување и вмрежување на домашните компании со странските компании. Советот исто така ја презема целокупната обврска околу учеството на Комората на специјализираните меѓународни саеми и настани како партнер на Министерството за економија, но и активности за унапредување и насочување на работата на Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија.
- Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките има за цел остварување на специфични интереси на приватниот сектор, во насока на унапредување на квалитетот на неформалното образование, вклучително и образованието на возрасните и поврзување на понудата и побарувачката на квалификации, вештини и практично искуство согласно потребите на работодавачите. Овие нови форми на организирање во Комората, се произлезени од иницијативите и барањата на компаниите членки, подвлече Георгиева Јовевска, а нивното формирање е одговор на подготвеноста на Комората да биде агилна и приспособлива во насока на понудување соодветна експертиза, зад која стојат не само вработените во Комората, туку и членовите на Советите како претставници на бизнис заедницата, научната и академската фела, за да се создаде додадена вредност и да се оправда улогата на Комората како заштитник и промотор на бизнис заедницата во државата.
Во однос на регионалната соработка, потпретседателката на комората рече дека Стопанската комора уште од самите почетоци е вклучена во идејата за Коморскиот инвестициски форум (КИФ), како асоцијација која е основана со стопанските комори од земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.
– Визијата за КИФ во овие процеси е да постави мост меѓу активностите кои секоја од националните стопански комори ги преземаат во своите национални економии во насока на дисперзирање на позитивните ефекти кон останатите 5 комори, но и да нуди заеднички услуги за компаниите од целиот регион, кои во крајна линија се соочуваат со исти проблеми кога излегуваат на регионалните или глобалните пазари. Дата-базите за пристап на пазарот и за информациите кои нудат анализа на пазарите, програмата за развој на добавувачи, техничката помош за дигитализација и пристап до финансии, заедничкиот настап на саеми и бизнис форуми, поддршката за обезбедување на квалификуван кадар преку дуалниот модел на образование се само дел од чекорите во таа насока. Тие ќе се надградуваат со заедничка ознака за квалитет на потекло од Западен Балкан, заеднички академии и тренинг центри за компании од различни области, заеднички центри за циркуларна економија и зелена транзиција – конкретни придобивки и услуги за компаниите од регионот, независно како ќе се одвиваат формалните процеси на усогласување на актите на регионално ниво – рече таа.
Георгиева Јовевска говореше и за значењето на иницијативата за Отворен Балкан, која засега вклучува само три од шесте држави на Западен Балкан (Албанија, Северна Македонија и Србија).
– Многу е важна, во следниот период нашата регионална соработка и поврзување на компаниите од нашите земји со компаниите од регионот и пошироко со цел заеднички настап на трети пазари и создавање на уште подобри релации на соработка меѓу нашите деловни заедници. Заеднички продолжуваме да работиме на приоритетите на Асоцијацијата на балканските комори а тоа се првенствено: развивање на соработката помеѓу бизнис заедниците во Балканскиот регион како и заеднички со трети земји, охрабрување и поддршка на активностите насочени кон структурни реформи во економиите на балканските земји со поглед кон пристапувањето во ЕУ, иницирање и имплементација на заеднички проекти за Балканскиот регион како и заедничко учество во ЕУ програмите и останатите партнерски програми и фондови – рече Георгиева Јовевска .
Свое обраќање на Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори имаа високи претставници од сите Комори кои се дел од АБК.
Сите говорници дискутираа по трите клучни теми кои беа фокус на Генералното собрание со ставање акцент на проблемите со кои се соочуваат компаниите во време на економска и здравствена криза предизвикана од COVID-19 и поддршката која коморите во соработка со надлежните институции им ја нудат на компаниите.
Учесниците ја потенцираа важноста од продолжување на соработката меѓу Коморите и Владите со цел преземање на понатамошни мерки за надминување на кризата, опоравување на економиите и задржување на континуитетот на процесите на работа кај компаниите. Исто така, генерално, од говорниците беше потенцирано дека Коморите од регионот на Западен Балкан треба да покажат преку процесот на дигитализација кој е неминовен во денешно време, дека се лидери во следење на светските и европски текови и своите активности треба да продолжат да ги насочуваат во тој правец со оглед на условите во кои се работи. Сите учесници ја подвлекоа потребата од целосно свртување кон компаниите и нудење постојано нови услуги кои произлегуваат од барањата и потребите на компаниите а се насочени кон зголемување на нивната конкурентност. Потребата за квалитетен кадар кој одговара на потребите на бизнисот е проблем во сите економии и во таа насока треба и заеднички да се превземаат активности. Регионалната соработка треба да продолжи и да се интензивира и во следниот период и сите комори од АБК треба да ја насочат енергијата кон учество во заеднички проекти кои ќе имаат бенефити за секоја економија посебно но и за цел регион заеднички. На крајот беше подвлечена потребата за отстранување на бариерите за водење бизнис во регионот преку преземање нови и продолжување на започнатите заеднички иницијативи.
Следната година, претседателствувањето со Асоцијацијата на балкански комори-ABK го превзема Кипар, односно Стопанската комора на Кипар.