ПОТРЕБНИ СЕ МЕРКИ СЕГА, ДИСЛОКАЦИЈАТА НА „УСЈЕ“ БИ ТРАЕЛА СО ГОДИНИ Од ДОМ порачаа да не се дозволи иницијативата за дислокација да биде изговор за нечинење денес
ДОМ, како одговорна зелена партија, предупреди на реалноста: дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш би траела со години, се наведува во партиското соопштение.
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздрави Одлуката на Советот на Град Скопје за поднесување иницијатива за дислокација на тешката индустрија, но предупредува дека дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш, би траела со години.
Според ДОМ, тоа е легитимна долгорочна визија за хуман град, која ја поддржува како крајна цел.
„Сепак ДОМ, како одговорна зелена партија мора да предупреди на реалноста: дислокацијата на капацитет како ‘Усје’ е исклучително сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш би траела со години. Тука се отвораат прашања за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти за кои во моментов нема ниту временска рамка, ниту финансиска конструкција. Граѓаните на Скопје немаат време да чекаат правни разрешници. Затоа, додека се трасира тој долг пат за дислокација, ДОМ инсистира на итна примена на конкретни мерки кои даваат резултат веднаш. Не смее да се дозволи ‘иницијативата за дислокација’ да биде изговор за нечинење денес“, се наведува во соопштението од ДОМ.
Оттаму бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање итно да спроведат пакет мерки кој би опфатил неколку активности.
„Јавен мониторинг во реално време. Мерењата на емисиите од оџаците не смеат да бидат ‘интерна тајна’ на компанијата или достапни само за инспекторите. Бараме системот за мониторинг да биде директно поврзан со веб-страницата на МЖСПП со 24-часовен јавен пристап за сите граѓани. Податоците мора да се гледаат во живо, без можност за филтрирање или одложено прикажување. Јавноста мора да има увид во секој момент дали се надминати граничните вредности“, предлага ДОМ.
Оттаму предлагаат „Усје“ да се обврзе со законски акт годишните ремонти (запирање на печките) да ги врши исклучиво во декември и во јануари, итно да се забрани користење на пластика, текстил и гуми како енергенс, а додека фабриката е во населено место, да работи исклучиво на гас. Задолжително вградување на влажни испирачи (scrubbers) за фаќање на киселите гасови и честички, како и жестока контрола на „малите оџаци“.
„Загадувањето не е само од индустријата. Потребни се итни, засилени контроли на сервисите и погоните кои горат отпадно масло и лакиран дрвен отпад. На испекторите да им се обезбеди современа опрема за индикативни мерења. За ова ни треба силен Инспекторат за животна средина (ДИЖС), предводен од докажан професионалец од техничките науки со искуство во индустријата,а не партиски кадри кои не ги познаваат процесите. Иницијативите се добри за подигање на свеста, но на Скопје му требаат решенија. Дислокацијата е иднината, но транспарентноста, мониторингот во живо и забраната за горење отпад се сегашноста која мораме да ја обезбедиме“, се нагласува во соопштението од ДОМ.