Потпишаните против пописот тешко дека нема да бидат попишани
Ако сакаа да биде правно издржано, требаше да одат согласно Законот, да собираат потписи преку подрачните единици каде што едноставно можеа да соберат одреден број и така ќе имаа можност да покренат законодавна иницијатива, вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
Иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи против Законот за попис нема никаква легитимност и во никој случај не може да пројде на Уставен суд. Ова за Плусинфо го изјави поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, објаснувајќи дека собраните потписи би имале правна потпора доколку се собираа преку подрачните единици, а не на улица.
– Иницијаторите за собирање потписи против пописот се повикуваат на членот 71 од Уставот, кој вели дека право за предлагање закони има секој пратеник во Собранието, Владата или најмалку 10.000 избирачи. Сепак, не може тие потписи да бидат поднесени од Уставниот суд, бидејќи Уставниот суд нема такви ингеренции. Па така, целата оваа иницијатива на опозицијата е чиста егзибиција. Ако се работи за официјална иницијатива и кога еден толку голем број граѓани сакаат да се потпишат за нешто или против нешто, тогаш тоа се прави по уставен ред и согласно законите. Ако сакаа да биде правно издржано, требаше да одат согласно Законот, да собираат потписи преку подрачните единици каде што едноставно можеа да соберат одреден број и така ќе имаа можност да покренат законодавна иницијатива. Впрочем, секој оној што се потпишува најпрво треба да се легитимира пред да се потпише. Во случајов, собирањето потписи против пописот се врши на улица и нема никаква легитимност. Не гледам логика во целата оваа работа и сметам дека иницијативата не може ништо да смени – објаснува Ивановски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски оценува дека иницијативата за собирање потписи против пописот е обид за извршување притисок за одложување на пописот, но сепак, како што вели тој, ваквата иницијатива не може да го спречи спроведувањето на најавениот попис.
– Како правен механизам, тие можат да поднесат иницијатива во Собрание, преду Уставен суд, па дури и иницијатива за референдум. Сметам дека ова е политички притисок, односно политички маркетинг. Собираат база на луѓе кои не се согласни пописот да се одржи во април и на тој начин вршат јавен притисок. Но, пописот е статистичка операција за сите категории граѓани, а досега потпишаните 45.000 луѓе се само 2 отсто од вкупното население. Пописот не е врзан само за една политичка партија или само за една политичка платформа. Затоа, не верувам дека ваквата иницијатива може да направи сериозен удар и да го спречи најавениот попис – вели Арсовски.
Но, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, не мисли така. Според него, иницијативата има правна основа за собирање потписи и тврди дека наскоро ќе биде поднесен закон за попис.
– Сметаме дека овој закон за попис не е согласно стандардите на Еуростат и е закон за политички, а не за статистички попис. Така што, кога ќе застане една бројка од најмалку стотина илјади луѓе коишто ќе ги поддржат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во поднесување на законот, мислам дека многу пратеници од владејачкото мнозинство ќе размислат три пати дали да го поддржат нашиот закон или не. Јас мислам дека ќе го поддржат – посочи Николовски.
Тој очекува да се потпишат повеќе од 100.000 граѓани, а темпирано е законот да се поднесе пред 1 април годинава.
– Официјалниот попис почнува на 1 април, а и знаете сите дека може во секој момент пописот да биде прекинат доколку во меѓувреме биде донесен таков закон – рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ЕУРОСТАТ, пак, му одговорија на Николовски дека Законот за попис и методологијата се во согласност со критериумите на ЕУ.
„Во повеќето аспекти законот и методологијата се широко поврзани со релевантните стандарди дефинирани во статистичкото законодавство на Европската Унија, иако законодавството на ЕУ сè уште не е обврзувачко за Северна Македонија како земја кандидат“, соопштија од Еуростат.
Од СДСМ и натаму остануваат на ставот дека пописот во земјава е неопходен и дека тој ќе биде спроведен. Оттаму ја обвинуваат опозицијата за собирање партиски потписи и цврсто се убедени дека нема да биде поништен законот за попис. Според законот, пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април.