ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА СТРАТЕШКА СОРАБОТКА МЕЃУ ВЛАДИТЕ НА МАКЕДОНИЈА И УНГАРИЈА Трговската соработка бележи нагорен тренд
Двајцата министри констатираа дека македонско-унгарското партнерство е засновано на силни политички врски и развиена економска соработка, кои во претстојниот период ќе добијат уште позасилена динамика.
Договор за стратешка соработка помеѓу владите на Македонија и Унгарија е потпишан денеска во Скопје, каде во еднодневна посета е унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
На средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, двајцата колеги се осврнаа на одличните билатерални односи, изразувајќи заемно задоволство од интензивниот политички дијалог и развиената секторска соработка. Беше поздравено и тридецениското пријателство и одличната трговска соработка, која бележи континуиран нагорен тренд во изминатиот период. Во тој контекст, од страна на двајцата министри беше констатирано дека македонско-унгарското партнерство е засновано на силни политички врски и развиена економска соработка, кои во претстојниот период ќе добијат уште позасилена динамика.
Во фокусот на разговорите беа и перспективите и предизвиците на процесот на европската интеграција на нашата земја и засилената и недвосмислена поддршка од Унгарија на овој пат, која е насочена кон отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ, со цел да се овозможи стабилизирање и подобра перспектива за нашата земја и за земјите од регионот. Во таа насока, министерот Муцунски изрази уверување дека поддршката ќе продолжи со несмалено темпо и во претстојниот период, имајќи го предвид и неодамна потпишаниот Акциски план за споделување на знаење во однос на ЕУ-пристапувањето помеѓу министерствата за надворешни работи и надворешна трговија и министерствата за европски прашања на двете земји.
На средбата, исто така, стана збор и за сојузништвото и одличната соработка во рамки на НАТО, која е насочена кон справување со актуелните безбедносни предизвици и зачувување на европската и трансатлантска стабилност.
Во рамките на посетата беа потпишани и договор за соработка на владино ниво и договор за соработка во делот на образованието. Министерот Муцунски и министерот Сијарто потпишаа Договор за стратешка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Унгарија, додека министерот Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, потпишаа Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на Програмата Stipendium Hungaricum за годините 2026–2028.