ПОСВЕТЕНОСТА НА УАКС СЕМЕЈСТВОТО Е ТЕМЕЛ ЗА УСПЕХ Универзитетот Американ Колеџ одбележува 20 години постоење
Во ова време на постојани промени, да не заборавиме на моќта на заедништвото и на визијата што ја делиме. УАКС е нашата заедничка куќа, место каде што растеме, се поддржуваме и градиме подобро општество, вели во интервју проф.д-р Венера Крлиу по повод дведецинското постоење на Универзитетот Американ Колеџ.
Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) годинава одбележува 20 години постоење со пораката дека „посветеноста на УАКС семејството е темелот на нашиот успех“.
Универзитетот соопшти дека „изминативе две децении се етаблира како водечка приватна високообразовна институција, препознатлива по моделот на образование кој успешно ги обединува вредностите и практиките на американските и европските академски традиции, и која демонстрира континуирана посветеност на академскиот развој, иновативноста и достапноста на квалитетно образование“.
Во интервјуто со проф. д-р Венера Крлиу – проректор за настава, претседателка на Одборот на директори на УАКС, директорка на Американската Гимназија Скопје, таа се осврнува на визијата и вредностите преку кои УАКС е успешна приказна веќе 20 години.
Таа се навраќа на почетоците на универзитетот, на клучните личности кои стојат зад оваа успешна образовна институција, на улогата на студентите, како и на предизвиците со кои се сретнале и вели дека сѐ започнало како „храбра, можеби и амбициозна идеја“ поттикната од вербата која нејзиното семејство ја имало во неа.
– Тоа за мене беше многу повеќе од поддршка – тоа беше момент што ми го трасираше патот и ми покажа колку е важно кога некој верува во тебе – вели професорката Крлиу.
Таа вели дека го гледа универзитетот не само како институција, туку како семејна приказна и како простор во кој се негуваат знаење, интегритет и човечност.
– И токму затоа денес УАКС го гледам како семејство – затоа што така започна. Со семејна поддршка, со почит, со доверба, со желба да се создаде нешто што ќе трае и ќе има вистинско влијание.

Таа често го нарекува УАКС „семејство“, нешто што, според неа, не е само фраза, туку суштина на секојдневното функционирање.
– Без разлика дали станува збор за одлуки, предизвици или успеси, инсистирам сето тоа да го правиме заедно – додава таа.
По повод 20-годишнината, нејзината порака до вработените е јасна:
– Благодарам. За посветеноста. За човечноста. За тоа што вложувате срце и душа. Да продолжиме заедно да создаваме разлика и убави спомени.
За проф. Крлиу да се биде професорка, проректор за настава, претседателка на Одборот на директори на УАКС и директорка на Американската гимназија е нешто многу повеќе од титули, тоа е, како што вели, секојдневен предизвик што го прифаќа со страст и со целосна посветеност.
– Животот ме научи дека ништо вредно не доаѓа лесно – но и дека сè што е искрено и полно љубов, вреди – вели професорката.
Балансот меѓу академската и менаџерската улога, како што објаснува, станува можен кога работата се прави со љубов, а тимот е силна поддршка.
На прашањето што ѝ е најдрагоцено од професорската улога, таа вели – интеракцијата со студентите.
– Честопати тие ме учат мене. Нивната искреност и креативност се моја инспирација и потсетник дека учењето е двонасочен доживотен процес.
За иднината на УАКС пак, проф. Крлиу во интервјуто испраќа порака до целиот тим на УАКС:
– Во ова време на постојани промени, да не заборавиме на моќта на заедништвото и на визијата што ја делиме. УАКС е нашата заедничка куќа – место каде што растеме, се поддржуваме и градиме подобро општество.
Од Универзитетот Американ Колеџ порачуваат дека дваесетгодишниот јубилеј на не е само симболична бројка, „тој претставува две децении визија, посветеност и заедништво“.
За професорката Венера Крлиу, оваа прослава е од особено значење токму затоа што, како што вели, таа стои зад конкретни вредности што го обликувале УАКС од самиот почеток.
Јубилејната програма, како што најави Крлиу, опфаќа неколку значајни настани: доделувањето на титулата Professor Honoris Causa на проф. д-р Светлана Мојсов, светски призната биохемичарка, членка на Американската академија на науки и професорка на Рокфелер Универзитетот, понатаму традиционалниот настан за вработените и нивните семејства, под мотото „Family First“ во мај, Летната школа по архитектура во јули, бизнис-настан во септември и Едукативен форум за иднината на високото образование во ноември.
– Секогаш сме биле предводници на новите идеи – така ќе биде и понатаму – нагласува проф. Крлиу, додавајќи дека УАКС веќе работи на нов меѓународен проект што ги спојува сите нивни вредности, за кој повеќе детали ќе бидат објавени до крајот на годината.
– Пораката е едноставна, но силна – приказната на УАКС продолжува. А најдоброто следи – најавува проф. Крлиу.