ПОСТОЈАНИ ОБИДИ ДА ЗАЖИВЕЕ БЛОК 3 Во санацијата се вклучени експерти и од Белград
Дали и кога постројката ќе биде во можност да произведува електрична енергија зависи од мислењето на стручни лица од РЕК Битола, од Електротехничките факултети во Битола и во Скопје, експерти од Белград и стручни лица од енергетските компании во земјава, велат од ЕСМ.
АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола информира дека во моментов работи со два блока – Блок 1 и Блок 2. Трансформаторот на Блок 3 е оштетен во пожар кој се случи вечерта на 5 ноември минатата година и од тогаш во континуитет се преземаат активности за негова санација, соопшти ЕСМ.
„Дали и кога постројката ќе биде во можност да произведува електрична енергија зависи од мислењето на стручни лица од РЕК Битола, од Електротехничките факултети во Битола и во Скопје, експерти од Белград и стручни лица од енергетските компании во земјава. Дотогаш, контроли и обиди за ставање на трансформаторот во функција ќе се случуваат во континуитет. Намерите на лица кои не се добро информирани и на никаков начин не се инволвирани во напорите за санација на трансформаторот на Блок 3 во РЕК Битола, да ги коментираат состојбите во комбинатот, цениме дека се несериозни и злонамерни. Навистина со техниката, особено во енергетиката, нема играње, заради што убедени сме дека паушалните изјави и импровизации со сомнителни цели, конечно ќе запрат“ се наведува во реакцијата од ЕСМ.
Денеска, претходно, Стевче Антовски, член на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ, на прес конференција изјави дека поправката на Блок 3 ќе трае повеќе од една година, што значи дека овој блок од РЕК Битола најмалку една година ќе биде надвор од употреба.