Последните крикови на нашите јакобинци
Легитимна цел на притворањето не може да биде обидот притворениците да се малтретираат поради нечија лична одмазда, да се уценуваат, да се принудуваат да признаат вина, да се спогодуваат или да сведочат вака или онака. Еднаш засекогаш мора да престане казнувањето на обвинетите и на неправосилно осудените со измачување и со тортура во нехуманите македонски робијашници.
Одлуката на Апелациониот суд да го ослободи Сашо Мијалков од досудениот притвор за случајот “Плацови на Водно” ќе предизвика емотивни реакции во јавноста, но таа бездруго е добра вест. Таа одлука покажува дека притисокот на луѓето од веќе евакуираната Заева постава врз обвинителите и врз судиите полека попушта. И допрва се очекува да попушта. Иако, според моите информации, сепак имало притисок и сега, при одлучувањето по жалбата на Мијалков, да се пресуди на негова штета.
Треба еднаш да се сфати дека никој од извршната власт – ни актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ, кој набрзо, се надевам, ќе го напушти ресорот – нема право да бара некаква “отчетност” од судиите и од обвинителите за нивните одлуки. Тоа е флагрантно кршење на принципот на поделба на власта. Тоа е кардинална глупост што сериозен политичар во земја претендент за членство во ЕУ, едноставно, не смее да си ја дозволи.
Сакам да верувам дека ова се последни крикови на нашите модерни јакобинци, кои или не можат или не сакаат да ја научат историската лекција, која вели дека обединувањето на законодавната, на извршната и на судската власт (базичниот принцип на Јакобинската револуција) неизбежно води кон диктатура, кон терор и на крајот кон распад.
Како и да е, во Македонија еднаш засекогаш мора да се сфати дека притворот не е и не смее да биде казна. Притворот се изрекува само по исклучок, ако другите мерки за обезбедување на присуството на обвинетите на судските рочишта и за спречување на опасноста тие да влијаат врз сведоците или да го повторат делото, не се доволни. Тоа го знае секој студент по право.
Легитимна цел на притворањето не може да биде обидот притворениците да се малтретираат поради нечија лична одмазда, да се уценуваат, да се принудуваат да признаат вина, да се спогодуваат или да сведочат вака или онака. Еднаш засекогаш мора да престане казнувањето на обвинетите и на неправосилно осудените со измачување и со тортура во нехуманите македонски робијашници. Земја кандидатка за членство во ЕУ тоа срамно поведение, поради кое постојано трпи критики, веќе не смее да си го дозволува.
Апелирам притворениците што не се за притвор веднаш да бидат пуштени на слобода. Да секако, меѓу нив е и Орце Камчев. Тој е меѓу првите, но не само поради неговата влошена здравствена состојба, туку и поради ноторниот факт дека веќе десет месеци е во притвор само поради личната одмазда на неговиот добро познат џелат, чија пизма беше и јавно обелоденета.
Согласно со препораките од европските институции, кои постојано ја опоменуваат Македонија мерката притвор да се применува селективно и само по исклучок, на сите тие луѓе треба да им се овозможи да го остварат правото да се бранат од слобода. Така е секаде во цивилизирана Европа, така мора да биде и во Македонија.
На сите на кои не им се допаѓа ова што го читаат, јас им велам вака – жалам, не можам да ви угодам!
На сите наши модерни јакобинци, кои делат правда од ракав, на Фејсбук, на сите кои сакаат да бидат и истражители и обвинители и судии и џелати, јас им велам вака – за промена, потрудете се за миг да се воздигнат над нивото на нашата пословична површност и над сопствените емоции и наместо да се занимавате со мојата маленкост и со моите божемни “скриени агенди”, размислете малку и анализирајте, а не само да вревите!
На пример, побарајте одговор на прашањето зошто на судските рочишта безмалку сите предмети на поранешното СЈО се распаѓаат самите од себе. Обвинетите ли се виновни за тоа? Можеби адвокатите? Или јас?
Кој е виновен што “Плацеви на Водно” и многу други предмети се водат врз основа на аматерски обвиненија, без цврсти докази, со сомнителни и нелегално прибавени снимки и врз основа на искази на сведоци со сомнителен кредибилитет?
Така ли замислувавме кога шетавме со транспарентите на кои пишуваше “нема правда, нема мир”?
Оваа е таа наша правда? Мирни сте сега?
Кој е виновен што сите тие предмети, баш како и некои други за кои веќе се донесени скандалозни осудителни пресуди, еден ден мора да резултираат со ослободителни пресуди? Се разбира, ако судиите судат по словото на законот, а не под притисок на моќници од извршната власт. А ќе дојде и тоа…
Апелирам еднаш да се разбере дека во една цивилизирана земја не смее да дозволи никому да му се суди на партиски прес-конференции, на социјалните мрежи или во медиумите. На “режимот на гилотината” мора да му дојде крајот. Кривичните постапки се строго форматирани и регулирани и секое прекршување на правилата на игра значи фатална компромитација на постапките и непочитување на законите.
Така веќе не оди. Таквите компромитации веќе не можат да се оправдуваат со нечие “чувство” дека “криминалците” од поранешниот режим останале “неказнети”. Зошто истиот аршин не важи и за “криминалците” од сегашниот хибриден режим? И јас имам чувство дека некои луѓе што ги познавам и кои беа на власт во последниве неколку години се тешки бандити и криминалци, но не си дозволувам да им пресудам јавно. Тоа сепак не е моја работа. Никој не смее да биде прогласен за криминалец додека не биде правосилно осуден за криминално дело во квалитетна судска постапка.
Јасно ли е барем тоа?
Многу брзо со овие проблеми ќе се соочи и новата македонска влада, од која очекувам веднаш да направи пресврт во насока на одлучно доближување на македонското правосудство до највисоките стандарди на модерната европска судска пракса. Ништо помалку од тоа нема да го задоволи моето разбирање на доброто владеење. Се надевам, ни вашето.