Последниот избор на јавни обвинители е извршен нетранспарентно и незаконски!

Изборот на 5 нови виши јавни обвинители и 5 јавни обвинители во ОЈО за организиран криминал и корупција, не е во согласност со новите законски одредби, затоа што нема образложение за донесените одлуки.

2,231

Заради зголемување на транспарентноста на Советот на јавните обвинители, постапката за разрешување на членовите на Советот, основите за поднесување барање за дисциплинска постапка на член на Советот, постапката за утврдување на одговорност на член, како и воопшто, за подобрување на работењето на Советот во месец февруари 2020 година, беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на РМ, кој стапи во сила и почна да се применува од 30.06.2020 година (Сл. весник бр.42 од 16.02.2020 година).

Со последниот нетранспарентен избор на јавни обвинители во месец април оваа година, поточно на 5 јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје, 5 јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција-Скопје и избор на Јавен обвинител на ОЈО Струга, дојде до целосна непримена на измените и дополнувањата на наведениот Закон.






Одлуки без образложенија

Да се потсетиме, во чл.5 од овој Закон се интервенира во чл.10 од основниот Закон, каде меѓу другото се додаде нов став 6 кој гласи:

„Одлуките на Советот МОРА да бидат ОБРАЗЛОЖЕНИ и истите се објавуваат на веб страницата на Советот“.

Новиот чл. 10-а од Законот за изменување и дополнување на Законот гласи: „Јавност во работата“.

Во интерес на просторот и времето, ќе ги наведам последните 3 става од овој член:

Став 4: Кога Советот одлучува за избор на Јавен обвинител на Јавно обвинителство или за избор на Јавен обвинител во јавно обвинителство, јавноста не може да биде исклучена во ниеден случај.

Став 5: Советот составува Записник од гласањето за одлуката од ставот 4 на овој член и истиот јавно го објавува на веб-страницата на Советот; и

Став 6: За работата на седницата на Советот, се води Записник и седницата се снима тонски или се прави аудио-визуелен запис. Усвоениот Записник за објавува на веб страницата на Советот.

Разгледувајќи го Записникот од седницата на Советот одржана на 22.04.2021 година, произлегува дека одлуките за избор на јавните обвинители не се образложени. Наведени се општи формулации, како на пример дека на Огласот за 5 јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје се имале пријавено 14 кандидати. Кои се тие кандидати, не е познато. Членовите на Советот биле запознаени со движењата во нивните кариери за секој кандидат. Сите овие кандидати ги исполнувале условите за избор на јавен обвинител, вонредно биле оценети со позитивна оцена, по што се отворила дискусија. Откако никој не зел збор, се поминало на гласањето. Понатаму се наведени со име и презиме избраните кандидати. Останатите кандидати не добиле потребен број на гласови за Јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје.

За виши јавни обинители во ВЈО Скопје, се имале пријавено 32 кандидати, повторно без да се наведат нивните имиња и презимиња. Понатаму, со скоро индентичен текст, без никаква дискусија и без било што, завршува изборот на јавни обвинители во ВЈО Скопје.

Малку попрецизен е Записникот во делот на избор на Јавен обвинител на ОЈО Струга, каде се наведуваат со име и презиме тројцата кандидати. Идентично со сличен текст се наведува дека сите кандидати ги исполнувале условите, па откако никој не зел збор како и во претходните два случаи, се поминало на гласање, а во овој дел се кажува и кој колку гласови од обвинителите добил.

Реакцијата на Ленче Ристовска е оправдана

Вака направениот избор на јавни обвинители не е во согласност со новите одредби од Законот за изменување и дополнување, накратко речено, нема образложение за донесените одлуки.

За необразложените одлуки на Советот, со право, јавно, преку медиуми, реагираа неколку јавни обвинители, меѓу кои и обвинителката Ленче Ристовска, која наведува дека добила 4 гласови, но е разочарана што немало ниту дискусија ниту образложение, а требало да знае зошто членовите гласале на начин како што гласале.

За нетранспарентноста на Советот, со години наназад, се пишуваше во медиумите, но и кога Законот беше во фаза на предлог-закон во 2019 година. Тогашната министерка за правда, во своите обраќања во јавноста изнесуваше дека „транспарентноста на Советот е на незадоволително ниво со неажурирана интернет страница“.

Од овие причини, претставниците на ОБСЕ, со најдобри намери, финансиски го помогнаа Советот така што интернет-страницата беше средена. Исто така, од нивна страна беше ангажиран г-динот Холгер Хенбах, правен експерт од Република Германија, кој токму за изборот на јавните обвинители и судии во Македонија, одржа неколку семинари во повеќе места. Овој експерт, даде брилијантни писмени насоки, предлози, за тоа како и кој треба да биде избран на повисоки функции во судовите и јавните обвинителства. Меѓутоа, мислењето на овој врвен експерт воопшто никогаш не беше земено предвид, бидејќи на политичките партии од власта не им одговараше тоа.

Дека е тоа така, произлегува и од последните дискусии во јавноста на претседателот на Советот Ацо Колевски, кој наведуваше дека одлуките за избор не се само во рацете на јавните обвинители, туку на сите членови на Советот. Во овој дел, најверојатно мисли на 4-те членови избрани од Собранието на РС Македонија и на Државниот јавен обвинител, исто така. Понатаму, претседателот наведува дека ако сакаме да имаме поголема независност, треба да се остави јавните обвинители да имаат поголемо влијание врз изборот. Со овие две реченици се кажуваат многу повеќе работи за политизираниот избор на јавни обвинители. Доколку изборот се вршеше согласно измените и дополнувањата на Законот, членовите и претседателот на Советот ќе имаа проблеми околу составувањето на листите на јавните обвинители, а кои податоци-имиња биле објавени уште пред да започне седницата.

Зошто не се објавуваат два записника од лански седници на Советот?

На многу седници наназад барав усвоените записници од седниците на Советот да се објавуваат на веб-страницата на Советот. Но, иако таа беше средена, за тоа се немаше слух. Дека е тоа така, може да се види, од причини што барањата за транспарентност се внесени во многубројни записници.

На крајот, би напоменал дека уште првиот месец од примената на измените и дополнувањата на Законот, во јули 2020 година, беа усвоени два записника од 97-та и 98-та седница на Советот на јавни обвинители, но истите до денес не се објавени, а мораше да се објават. Причините за необјавувањето на наведените записници ми се добро познати, а за нивната содржина би зборувал во други прилики.

Веќе години наназад, во државата носиме нови закони, се спроведуваат државни стратегии, но не правиме ништо откако тие ќе бидат донесени, како истите би се спроведувале во пракса. За оваа лоша состојба, укажуваат повеќе странски амбасади во Скопје на земји-членки на Европската Унија, како и Амбасадата на САД во Скопје.

Целта на ова мое обраќање во јавноста после подолго време е да се извади вистината на виделина и да се подобри работењето, како на Советот, така и на други државни институции. Јавните обвинители и граѓаните на Македонија имаат право да знаат што работи Советот и како ги носи своите одлуки, особено одлуките за избор на јавни обвинители.

П.С. Се надевам дека двата записника во најкраток рок ќе се објават во јавноста, онака како што се усвоени.

(авторот е поранешен Јавен обвинител и претседател на Советот на јавни обвинители)

 

Поврзани содржини