ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД РЕФЕРЕНДУМОТ МОЖЕ ДА БИДАТ ФАТАЛНИ ЗА ДРЖАВАТА Не смееме да си дозволиме „плукни-залепи“ операција

Прво, потребно е да направиме анализа и да заклучиме што точно значи референдумот. Второ, да се направат проценки за тоа дали ќе биде успешен. И трето, мораме да ги детектираме последиците - ќе се блокира ли процесот за евроинтеграција или процесот ќе продолжи со изменета преговарачка рамка, објаснува пратеникот Павле Трајанов за Плусинфо.

2,530

Спроведувањето референдум не е „плукни-залепи“ операција. Потребни се сериозни анализи, длабоки истражувања, консултации со домашни и со странски експерти. Не е едноставно да се спроведе референдум, особено не во вакви политички околности во коишто се наоѓа Македонија.

Ваков е ставот на пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој во разговор за Плусинфо ја коментира синоќешната одлука на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ дека наскоро во земјава ќе се спроведе референдум во поглед на францускиот предлог.






Тој вели дека ќе беше многу полесно ако францускиот предлог не беше изгласан во Парламентот и ако не се одржеше првата меѓувладина конференција во Брисел, а сега, како што објаснува, последиците од успешноста или од неуспешноста на референдумот можат да бидат фатални за државата.

Павле Трајанов: Многу полесно и поедноставно ќе беше ако сега сѐ уште немавме согласност од Собранието и од Владата, односно ако францускиот предлог сѐ уште не беше изгласан во Парламентот.

– Прво, потребно е да направиме анализа и да заклучиме што точно значи референдумот. Второ, да се направат проценки за тоа дали ќе биде успешен референдумот. И трето, мораме да ги детектираме последиците – ќе се блокира ли процесот за евроинтеграција или процесот ќе продолжи со изменета преговарачка рамка? Ова прашање е прилично комплексно и потребни се сериозни консултации и анализи. Многу полесно и поедноставно ќе беше ако сега сѐ уште немавме согласност од Собранието и од Владата, односно ако францускиот предлог сѐ уште не беше изгласан во Парламентот. Во тој случај, сега ќе спроведевме референдум и на народот ќе му поставевме едноставно прашање: „прифаќаме или отфрламе?“. Во тој случај можеби немаше да има прва меѓувладина конференција и немаше да почне скринингот. Но, сега, работите се прилично сложени и комплицирани. Затоа ни се потребни пошироки консултации со домашни и со надворешни експерти за да се изгради конечен став. Мислам дека во таа насока се движи и активноста на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие немаат донесено децидна одлука дека ќе има референдум или како ќе гласи прашањето – објасни Трајанов.

Првиот политичар во Македонија кој предложи референдумско изјаснување за францускиот предлог е всушност самиот Павле Трајанов.

– Јас уште на самиот почеток предлагав, ако нема единствен став во Собранието, тогаш граѓаните да се изјаснат на референдум за преговарачката рамка и за целиот пакет. Ама мојата идеја не беше да се блокира процесот по која било основа. Целиот наш ангажман беше да се заштитат нашите основни национални обележја, да се зачува и заштити македонскиот јазик, да не се дозволи билатералните прашања со Бугарија да влезат во преговарачката рамка… Во таа насока, предложив заклучоци коишто во одредена фаза беа прифатливи за сите, сѐ додека не почнаа да растат меѓусебните конфронтации помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тогаш не се постигна консензус за заклучоците, иако тоа беше идеална шанса процесот да се движи и да инсистираме на корекции на преговарачката рамка – истакна Трајанов.

Еднаш велат дека референдумот ќе биде за уставните измени, потоа велат дека ќе биде за преговарачката рамка.

Маја Морачанин ДОМ

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, пак, вели дека сега не е време да се разговара за референдумот, бидејќи, како што потенцира, самата опозициска ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не се изјаснила каква ѝ е идејата.

– За да зборуваме сега за спроведување референдум значи дека зборуваме хипотетички, оти таа тема е многу далечна. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа ја поддржа идејата, ама сѐ уште не ни е познато каков ќе биде референдумот што тие го планираат. Еднаш велат дека референдумот ќе биде за уставните измени, потоа велат дека ќе биде за преговарачката рамка. Навистина не ми е јасно каква е идејата, оти и тие како партија не се изјаснија точно што сакаат да направат – вели Морачанин.

Ако проблемот е преговарачката рамка, додава таа, тогаш референдумот требаше многу порано да биде спроведен, односно пред да се усвои преговарачката рамка.

– Затоа не сакам да навлезам подлабоко во дискусија, бидејќи не сакам да бидам погрешно разбрана. Прво нека кажат каков референдум сакаат да спроведат, за што точно да се одлучува, на кој начин да се организира, а потоа ќе разговараме за деталите – изјави Морачанин.

Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП за Плусинфо објаснува дека во партијата сѐ уште не разговарале за идејата на ВМРО-ДПМНЕ да се спроведе референдум, но како што посочува, лично смета дека спроведувањето на таквата операција би била непотребна.

– Во моментов, поради летните периоди и поради други околности, не сме свикале ниту извршен, ниту централен комитет за да разгледаме и да одлучиме за идејата да се спроведе референдум во земјава. Лично, мислам дека сега не е потребен референдум. Сметам дека погрешно се води целата оваа работа, затоа што ние не менуваме ништо во Уставот, туку само дополнуваме. Ние треба само да додадеме други народи коишто живеат во земјава, а не се опфатени во Преамбулата. И тука не гледам ништо спорно. Инаку, партијата ВМРО-ДПМНЕ има потполно право да собере потписи и да поднесат иницијатива којашто ќе биде разгледувана на собраниска комисија. Референдумот е демократско право, но јас сметам дека такво нешто во моментов не ни е потребно. Јас мислам дека доволно се крева прашина и дека доволно ги делиме граѓаните на еден или на друг табор. Во изминатиов период се прави една многу лоша слика со патриоти и предавници, наместо да гледаме да имаме економски силна земја, да им обезбедиме на граѓаните услови оти ни претстои тешка зима. Доволно беа поделби – објасни Зајкова.

Од партијата на Билал Касами, Беса, велат дека во моментов анализираат дали е потребно да се оди на референдум и дека за брзо време ќе го искажат партискиот став.

– Партијата ВМРО-ДПМНЕ доцна синоќа ја донесе одлуката да ја поддржи идејата за спроведување референдум, па за брзо време и ние ќе имаме партиски став во однос на тоа прашање. Лично, како пратеник на Беса, не би сакал да коментирам дали во моментов на земјава ѝ е потребна таква операција или не – ни изјави пратеникот Фадил Зендели.

Планот на ВМРО-ДПМНЕ е да направи заложник од Македонија.

Љупчо Балкоски ВМРО-НП

Пратеникот Љупчо Балковски од ВМРО-НП за Плусинфо вели дека планот на опозицијата е преку спроведување референдум да направи заложник од Македонија.

– Партијата на Христијан Мицкоски не знае како да излезе од кашата што сама си ја зготви, па сега сака да го малтретира целокупниот народ во Македонија со спроведување референдум. Планот на ВМРО-ДПМНЕ е да направи заложник од Македонија. Тие се спремни да направат сѐ само за да не си ја признаат грешката и да не му соопштат на народот дека сето тоа што досега го правеа беше погрешно. Мојот став е дека во моментов нема никаква потреба од спроведување референдум. А особено боде очи тоа што ВМРО-ДПМНЕ сака да спроведе референдум, а не знае како да го направи тоа – вели Балковски.

Слично размислува и Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ), кој смета дека во моментов на земјава не ѝ е потребен референдум, бидејќи смета дека самите политички партии би можеле да постигнат широк консензус во поглед на преговарачката рамка и уставните измени.

– Нашиот партиски став е дека за сите важни прашања потребно е да има консензус помеѓу политичките партии во земјава. Секако дека ВМРО-ДПМНЕ има целосно демократско право да бара спроведување референдум, но за да се случи такво нешто потребно е да има согласност од сите политички партии. Не е мала работа и не е едноставно да се спроведе референдум, а треба многу добро да се размисли и за последиците коишто би произлегле од резултатите на референдумот. Сметам дека овојпат не треба да ги инволвираме граѓаните во процесот на носење државни одлуки, бидејќи можеме ние, политичките чинители, да седнеме на иста маса и да донесеме здрава одлука со консензус – изјави Иљас за Плусинфо.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа ја прифати иницијативата за референдум за преговарачката рамка, а од партијата утрово истакнаа дека токму референдумот е вистинскиот начин да се чуе гласот на народот.

Оттаму најавуваат дека претстојниот период ќе почнат широки консултации околу референдумот и креирањето на референдумското прашање.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи бугаризација на државата. Народот нема да дозволи бугаризација. Во периодот кој претстои ВМРО-ДПМНЕ ќе отпочне широки консултации за референдумот. По завршување на консултациите ќе се спроведе референдумот. Народот ќе може да каже гласно ‘не’ за бугаризација“, соопшти партијата на Христијан Мицкоски.

На оваа иницијатива за референдум веднаш реагираше владејачката СДСМ, според која, очигледно е дека само Мицкоски е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Очигледно Христијан Мицкоски е толку сестрана и комплексна личност што може самиот тој да биде единствен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а воедно и негов претседател. Значи, претседателот на ИК Мицкоски предлага нешто, на пример дека треба да се одржи референдум, ама сѐ уште не знае како треба да гласи прашањето, па членот на ИК, Христијан Мицкоски, едногласно го поддржува предлогот. Тоa е демократијата во Белата палата“, соопштија утрово од СДСМ.

Плусинфо побара став од ДУИ и од Алијанса за Албанците, но оттаму, иако ни ветија, сепак не ни испратија одговор.

Поврзани содржини