ПОСЛЕДЕН ДЕН ОГРАНИЧЕНИ МАРЖИ ЗА ТРГОВЦИТЕ Дали ќе има нов скок на цените?
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши порача дека ќе има ограничување на маржите за речиси сите производи или зголемување на вредноста на ограничувањето на маржите доколку по завршувањето на владината мерка Државниот пазарен инспекторат утврди девијантно однесување од страна на маркетите и енормно зголемување на цените.
Истекува мерката за ограничување на цените и маржите што ја воведе Владата пред рамазанските и велигденските празници. Од Министерството за економија и труд велат дека прво ќе ги согледаат конечните резултати што ги даде мерката, а потоа ќе одлучат што ќе прават понатаму. Доколку има злоупотреби најавуваат нови поригорозни мерки.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши порача дека ќе има ограничување на маржите за речиси сите производи или зголемување на вредноста на ограничувањето на маржите доколку по завршувањето на владината мерка Државниот пазарен инспекторат утврди девијантно однесување од страна на маркетите и енормно зголемување на цените.
Како што вели, ограничувањето на маржите до 10% дало резултати и се намалени цените на храната и пијалаците.
-Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека мерката дава резултати, односно во март имаме инфлација од 2,7%, а споредено со февруари имаме дефлација за 1,3%, во делот на храна и пијалаци. Истите информации покажуваат дека и овој месец цените во делот на храна и пијалаци се намалени, така што оваа мерка дава резултати. Со Државниот пазарен инспекторат ќе бидеме на терен, ќе ги следиме цените ако има девијантно однесување од страна на маркетите или ако има енормно зголемување на цените нормално дека ќе одиме пак со нови мерки, изјави неодамна Дурмиши.
Ако трговците не се однесуваат како што треба или пак ги зголемуваат цените најави дека ќе има поригорозни мерки од тие што ги имавме досега.
-Ако сега се опфатени 102 групи на основни прехранбени и непрехранбени производи тоа значи дека ќе опфатиме уште повеќе групи. Со одлуката што ќе ја донесеме за ограничување на маржите, ќе ги опфатиме скоро сите производи што ги имаат синџирите на маркети или вредноста на ограничувањето на маржите ќе биде поголема – рече Дурмиши.
На предлог на Министерството за економија и труд од 20 март годинава се применува ограничена бруто профитната маржа на 102 групи на производи и за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи. Мерките истекуваат денеска.
Со измени на Законот за заштита на потрошувачи, што стапија во сила на 18. месецов, трговците на мало се обврзани јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот.
Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага да се направи алатка за компаративна споредба на цените на производите, а од Министерството за економија и труд велат дека е потребно да помине еден месец од имплементацијата на обврската за да се согледаат резултатите, но не ја исклучуваат можноста да има општа веб-страница на која граѓаните ќе може да ги проверуваат цените на производите.
Уште се анализира дали во просечната потрошувачка кошничка што ја подготвува Министерството за економија ќе се однесува на тричлено или четиричлено семејство. Како што изјави завчера ресорниот министер, се дискутира на таа тема, ги анализираат сите податоци, ќе се земе мислење од сите претставници во работната група и ќе се излезе со заеднички став.
– Имаме драфт верзија на која се дикутира, а во наредниот период во најкраток рок ќе биде достапна за граѓаните, новинарите, синдикатите. Направивме многу добра просечна потрошувачка кошница со податоци од релевантите институции, ќе ги опфати сите граѓани, точно ќе биде прецизирано точно кои производи во кој временски период се трошат, а ќе биде прецизирано и од каде се земени цените – ќе се земат од повеќе трговци не само од два или три како што е во синдикалната кошница, ќе биде земено предвид и колку членови на семејствата ќе се опфатат -вели Дурмиши.
Тој рече дека работната група работи веќе два месеца работи и дека очекува дека документот ќе биде готов веќе во мај. Потоа ќе оди на влада и пред Економско социјалниот совет каде што треба да се изгласа.