После шоуто на Лавров, следи ли протерување на руски дипломати од Македонија?
Министерскиот совет на ОБСЕ заврши успешно - историскиот состанок на долго време виртуелната организација, со која досега претседаваше нашата држава, од пропаст, со дипломатски бајпас, од клиничка смрт, ја спаси министерот Османи. Со што, со дипломатската вештина, стана раме до раме со тукушто упокоениот Хенри Кисинџер. Успехот на нашиот хирург е дотолку позначаен, поради фактот што пациентот ОБСЕ беше долго време во кома.
На главниот хирург во Министерството за надворешни работи Османи му падна еден камен од дипломатското срце. Синтагмата „камен“ министерот Османи ја употреби и во контекст на надминување на проблемот околу измените во нашиот порозен Устав, односно апелираше да треба да продолжиме со активностите кон ЕУ, сè додека и последниот камен на тој пат не биде отстранет. Веројатно тој камен е неконструктивната опозиција, која спречува владиниот багер да го расчисти патот кон Брисел.
Министерскиот совет на ОБСЕ во халата несоодветна за вакви настани, заврши успешно – историскиот состанок на долго време виртуелната организација, со која досега претседаваше нашата држава, а уште повлијателната држава Малта од следната година ќе продолжи со спасувањето, додека малтешките витези ќе се обидат оваа непрофитибилна организација. којашто од пропаст со дипломатски бајпас, од клиничка смрт, ја спаси министерот Османи. Со што, со дипломатската вештина, стана рамо до рамо со тукушто упокоениот Хенри Кисинџер.
Успехот на нашиот хирург е дотолку позначаен, поради фактот што пациентот ОБСЕ беше долго време во кома. Сега реанимиран во нашиот главен град, ОБСЕ ќе продолжи со своите редовни активности, на радост на околу 4.000 чиновници.
Најголем наш дипломатски успех е што нашиот итарпејовски протокол успеа на аеродромот Петровец, во ВИП салонот, американскиот државен секретар Блинкен да не се сретне со рускиот министер Лавров, кој со новопечениот министер Камерун, како и со дипломатскиот ветеран Борел, го напуштија Скопје пред состанокот да почне. Сите тројца западни угледни гости успеаја само за миг да се надишат чист воздух, со традиционалното македонско гостопримство. Нивните пораки им ги пренесоа на стресниот наш премиер, харвардовецот Ковачевски и на спасителот на ОБСЕ, министерот Османи, а симболично сугерираа и до своите европски партнери за бојкотирање на министерот Лавров, без чија држава ОБСЕ практично е нефункционално.
Полска, проверен стратешки пријател на САД и воена брана за евентуална нова руска агресија, како и малите балтички држави, секоја од свои причини, едноставно, решија да не дојдат. Бугарската министерка дојде на неколку часови и си замина, несакајќи да седне на иста маса со рускиот министер Лавров.
Нашиот министер Османи, како домаќин, не можеше да си дозволи и најкоректно на една маса поразговара со Лавров и со малтешкиот министер Борг. Овој момент беше најзабележителен и секако за пофалба. Меѓутоа, има многу причини и прашање е на денот кога просториите на ОБСЕ во виенскиот Хофбург ќе добијат нов кираџија, со што ќе се израдуваат министрите за финансии на државите членки на ОБСЕ. За Русија ОБСЕ од поодамна не е приоритет.
Веројатно нашите врвни дипломати, посебно нашите амбасадори во Вашингтон и во Москва, имале информации за тоа што значеше информацијата дека држаниот секретар Блинкен ќе присуствува на состанокот на ОБСЕ, еден ден пред официјално да биде запоќнат и тоа неколку часови. Се разбира дека Блинкен брзаше да го напушти Скопје и да полета за Тел Авив, поради војната во Палестина, што е секако приоритет во однос на состанокот на ОБСЕ. Тука е и потврденото пристигнување на министерот Лавров, кој и покрај аматерските лакрдии на Бугарија околу прелетот на претседателското летало преку нејзината територијата. Причината за недозволување на прелетот наводно била присуството на хубавото момиче Захарова.
Брзо помина времето на нашето претседателствување со ОБСЕ. Поради новата геополитичка архитектура и веќе двегодишната војна во Украина, ОБСЕ мораше да се трансформира, како што своевремено КЕБС ја смени формата во ОБСЕ после падот на комунизмот. Сега министерот Османи ќе има време повеќе да се посвети на зелената партија за интеграција, односно на парламентарните избори, после кои може да ги напушти просториите на белата палата на МНР и можеби да се сконцентрира на претседателските избори. Секако дека нема да се врати во операционата сала.
Претседавањето со една од клучните меѓународни организации е сериозна работа и бара солидна дипломатија. Такви прилики се искористуваат за поентирање. Ние тоа не го направивме и не ни е прв пат. За време на претседавањето со Генералното собрание на ОН, под техничко раководство на наш поранешен министер за надворешни работи, единствено протоколарно бевме ангажирани во спорот со Грција, без значајни иницијативи. Тоа се случи и деновиве во Скопје. На претседавачот на ОБСЕ како и на именуваниот премиер не им текна да прозборат за уцените на Бугарија за измена на нашиот Устав. Со Грција работата одамна е запечатена.
Русија си ја одработи работата. Дојде на Балканот и покрај тоа што нашата габаритна министерка за одбрана, исправена како зелен бор, соопшти дека министерот Лавров нема што да бара на историскиот состанок во Скопје. Ова дипломатска изјава секако е усогласена со Бујар и со Таче. Отпишаниот претседател Пендаровски не се огласи. Но, мудриот Сергеј дојде. Беседеше како чеховљевски старик, седна со актуелниот и со новиот претседавач на ОБСЕ за еден од параваните во ходниците на спортската сала, одржа најдолга конференција за печат и летна назад преку Атина и Истанбул. Целта ја постигна.
Следи протерување на некои руски дипломати. Нашиот амбасадор во Москва секако ќе побара средба со министерот Лавров за резултатите на самитот, ама ќе мора да почека до крајот на својот мандат.
Настанот во Скопје секако заслужуваше посебно внимание. Домаќин кој прави свадба се спрема најмалку една година. Толку време имаше министерот Османи, со помош на специјализирана и за него непозната спонзорска фирма, да се подготви. Покрај добрите монтери на кулиси, имаше и врвни дипломати кои јавно ги пофали, како дипломати од Министерството за здравство, односно самиот себе. Ах тој Фројд од вториот виенски бецирк.
За да се избегне било каков кикс во организација на состанокот на ОБСЕ во Скопје, министерот Османи му го продолжи мандатот на сè уште актуелниот амбасадор на ОБСЕ, а истовремено на време ги отпиша дипломатите кои беа верзирани токму за оваа организација.
Со оглед дека нашата држава останува во Тројката на ОБСЕ и идната година, министерот Османи во улога на спасител на ОБСЕ има најмалку уште половина година да ја подобри својата улога. Ќе има време и да размисли за некои непотребни чекори, како познатото негово лобирање во Мадрид, Шпанија да го признае Косово, како и неговите ламентирања околу решавање на спорот меѓу Белград и Приштина. Во тој контекст настапот на српскиот министер Дачиќ во Скопје делува отрезнувачки.
Нашата држава не успеа политички да поентира. Тоа не се прави на денот на одржување на настаните од карактер како последниов во Скопје. Тоа се прави со соодветно инволвирање на нашата дипломатија (посебно на амбасадорите) во државите членки на ОБСЕ, со нагласокот на скенирање на позициите на Вашингтон и на Москва, клучните столбови на ОБСЕ. Новоиспратените наши амбасадори не влеваат доверба дека нешто позначајно ќе се менува.
Влијателниот т.н. Совет на амбасадори уште не се огласи со изјава за триумфот на македонската дипломатија, а со тоа и својот робусен личен придонес, секако и за одржаниот состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ. Неопходната кохабитација на линија претседател на државата – премиер и министер за надворешни работи изостана. Веќе е споменат случајот со министерката за одбрана околу учеството на министерот Лавров.
На министерот Османи му падна уште еден камен од срцето после успешната дипломатска интервенција во Скопје. Сега ќе има повеќе време да се посвети на домашните партиски обврски, посебно оние околу претстојните парламентарни и претседателски избори. Во меѓувреме, секако нема да ги пропушта да учествува на сите мултилатерални настани во кои прилики ќе има и ан пасан билатерални средби по ходниците, како што пред два дена ги направи претседателот Пендаровски, во Дубаи на Самитот за климатските промени, на кој не забележавме и учество на екологистот Срѓан Керим. Српскиот владетел Вучиќ, пак, барабар со европските државни великани, имаше одвоена среда со претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
Од безбедносен аспект, состанокот на ОБСЕ во Скопје помина беспрекорно. Медиумски беше покриен со мека доза на самоцензура. На електронските медиум имаше повеќе експерти отколку учесници од наша страна на состанокот. Профитираа граѓаните, поради неработниот ден на нашата многубројна администрација. Паркинзи колку сакаш, а воздухот незагаден, Едвај чекам еден таков нов настан, овој пат во конгресна сала која може да се изгради, без да се загрози зголемениот буџет, туку би бил изграден со конфискација на имот и со украдените пари во хазардерската игра нагалено наречена корупција.
(Насловот на колумната е редакциски)