ПОШТАРИ НЕМА, АМА НА СЕКОЈ РАБОТНИК ИМА ПО ЕДЕН ШЕФ Вработените во Пошта бараат редовни плати и прераспределба на кадарот

Синдикатот на Македонска пошта бара да се реши и проблемот со 200 поштари кои сега се примени на договор на дело.

1,816

Синдикалните организации на Македонска пошта со двочасовен протест пред Дирекцијата и во сите подружници на националната Пошта, побараа исплата на платата за февруари, регулирање на статусот на 200 поштари кои се на договор и реорганизација на друштвото. Тие најавија дека почнале постапка и за генерален штрајк.

Претседателот на Синдикатот на Македонска пошта Боро Велигденов вели дека финансиската и организациската состојба во АД Пошта е алармантна, а вработените се загрижени дека нема да ја примаат редовно платата која за 80% од нив е минимална.






– Покрај тоа што финансиската состојба на Друштвото е многу лоша што е резултат на лошото менаџирање со Друштвото и несоодветната кадровска политика која се води со непродуктивно прераспределување и вработувања. Има недостиг на кадри во технолошкиот процес -поштари и шалтерски работници. Премногу има шефови и администрација. На секој вработен имаме по еден раководител. Потребниот кадар си заминува. Затоа Владата мора да одговори на нашето барање за реформа и реорганизација на Пошта што ќе подразбира и промена на Законот за пошти – рече Велигденов.

Тој побара Владата заедно со директорот на Пошта да обезбедат пари за редовна исплата на платите.

– Ја повикуваме Владата заедно со раководството веднаш да се заложат за обезбедување плати и итни мерки за реорганизација на Пошта. Доколку не се преземе ништо ќе продолжат протестите и можен е генерален штрајк – рече Велигденов.

Тој потсети дека во Пошта работат 1.800 редовно вработени и 200 поштари кои се на договор за работа без здравствено осигурување.

– Бараме да се регулира статусот на овие лица, кои немаат ниту здравствено осигурување – рече тој.

Синдикатот забележува и на крајно лошата организација во работењето, необезбедени услови и средства за работа, а најголемата загриженост и револт кај вработените се предизвикани од грубото непочитување на работничките права.

– Само за илустрација ќе кажам дека по 15 години, годинава добивме само зимски униформи, а кога ќе ги добиеме летните не се знае – рече Велигденов.

Поврзани содржини