ПОРТУГАЛСКИ МАЛИНИ Ропство со надеж за подобра иднина

Желбата за португалски пасош многумина ги држи во нечовечки услови далеку од дома, но сите имаат една надеж - да добијат пасош и да почнат да живеат достоинствено.

565

Работниците од Јужна Азија во Португалија, која е еден од најголемите извозници на овошје во Европа, се наоѓаат во многу тешка положба откако се откри дека тие се експлоатирани од сопствениците на фармите.

Сагар ова го сфатил три дена по доаѓањето во Португалија. Почнал да работи на фарма за малини по 16 часа на ден, а добивал плата која е под просечната. Сепак тоа не го охрабрило да се побуни затоа што од таа работа му зависел идниот престој во Португалија и можноста да се стекне со подолготрајни документи за престој.






Тој е само еден од 10.000 странски работници кои се ангажирани да собираат малини, производ кој на Португалија и носи повеќе од 200 милиони евра годишно. Најголем дел од португалските малини завршуваат во маркетите во Европа.

Проблемот многумина го гледаат во законите на Португалија. Имено, ако странец стигне во Португалија, која е членка на Европската унија, независно од тоа дали престојува легално или илегално, може да остане и да добие документи за привремен престој доколку најде работа во Португалија и ако плаќа данок. Ваквата дупка во законот им овозможува на илегални мигранти да се стекнат со дозвола за работа иако немаат регулиран престој. Овие договори најчесто се склучуваат со посредници кои се ангажирани за вработување на собирачи.

Кога ќе се стекнат со дозвола за престој во Португалија започнува процесот за добивање на државјанство кој трае пет години. Токму оваа надеж ги држи заробени на фармите.

„Сите сме многу уплашени“ вели Сагар и додава „Документите за престој ни зависат од данокот од работата, а данокот од работата ни зависи од документите за престој. Ако изгубиме едно го губиме и другото“.

Сагар е на половина пат до добивање на португалско државјанство, му требаат уште три години престој и работа по што со португалскиот пасош ќе може да работи секаде во Европската унија.

Собирачите на малини од Азија плаќаат по 18.000 евра на криумчари да ги внесат во земјата. Многумина од нив ќе го изгубеле животот по патот до ветената земја. Таков е случајот на 28-годишниот Раул кој замалку ќе се удавел во река додека нелегално поминувал низ Србија.

Тој е разочаран од условите во кои се наоѓаат и вели дека сака да се врати во Индија, но му должи на човекот кој го донел во Португалија уште 7000 евра. Неговите родители го продале својот дом за да му овозможат да замине во Европа.

„Ми недостасува Индија, ми недостасуваат мајка ми и татко ми, ми недостасува мојата девојка. Би сакал да се вратам, но немам како“ низ солзи раскажува тој.

Португалската влада има намера да го промени овој закон. Тие велат дека се свесни за неговата злоупотреба, но најавите за промена не се материјализирани.

Во меѓувреме собирачите на малини се под постојани притисоци на сопствениците на фармите и од полицијата. Како што кажува Сагар, тој бил нападнат од полициски службеник, но не пријавил затоа што стравувал да не му ги одземат документите.

Стравот е присутен и после единствениот протест на собирачите кој се одржа во 2018 година. После протестот сите кои учествувале ги загубиле работните места, а со тоа и документите за престој.

Во се поголемата мигрантска заедница која никнува во руралните средини на Португалија владее страв. Тие не се интегрирани во општеството поради јазичните бариери, но и поради ограничениот пристап до надворешниот свет. Мигрантите живеат во населби изградени во рамки на фармите, а се случува со месеци да не излезат надвор од нив.

Полициската бруталност не е непозната во овие населби, па на Интернет се појавија видеа како полицајци малтретираат мигранти. На една од снимките тројца полицајци присилуваат млад мигрант да вдишува солзавец.

Откако овие снимки се појавија во јавност полицијата отпочна дисциплински постапки за полицајците од видеото.

Желбата за португалски пасош многумина ги држи во нечовечки услови далеку од дома, но сите имаат една надеж – да добијат пасош и да почнат да живеат достоинствено.

 

Поврзани содржини