ПОРТПАРОЛИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ СЕ ОТКАЖАА ОД УПРАВНИТЕ ОДБОРИ На Стоилковски, Митева и на Арсовски важни им се принципите

Ја следам возбуденоста во СДСМ поврзано со моето име и сметам дека тоа повеќе се однесува на стравот дека од внатре на ЈСП ќе го видам и јавно ќе го објавам сиот криминал со компанијата и секако, за планот за БРТ.  Иако го имам сиот потребен кредибилитет да бидам дел од УО на ЈСП, верувам во принципи, за разлика од партиските членови на СДСМ. Нема трговија со принципи ниту со претпријатија, вели Стоилковски.

943

Портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, Марија Митева и Димче Арсовски се откажаа од учество во Управните одбори на јавните претпријатија ЈП ЈСП и ЈП Водовод на Град Скопје.

Стоилковски се откажал од функцијата, како што самиот кажа, поради тоа што тој верува во принципи.






– Ја следам возбуденоста во СДСМ поврзано со моето име и сметам дека тоа повеќе се однесува на стравот дека од внатре на ЈСП ќе го видам и јавно ќе го објавам сиот криминал со компанијата и секако, за планот за БРТ.  Иако го имам сиот потребен кредибилитет да бидам дел од УО на ЈСП, верувам во принципи, за разлика од партиските членови на СДСМ. Нема трговија со принципи ниту со претпријатија. Тие принципи не постојат во СДСМ, затоа што на пример истата прашина како за мене (нас), очекувано би ја кренале и за портпаролот на Алтернатива којшто го поставија за директор на МЕПСО во време на најголема енергетска криза. Во име на тие принципи и во име на таа разлика, донесов одлука да се заблагодарам за довербата и честа да бидам предложен за Член на УО на ЈСП и да побарам да бидам исклучен од листата. Истовремено, оставам аманет на оние коишто ќе бидат избрани, да не го премолчат криминалот, како и да поведат сметка за претпријатието- симбол на Скопје – објави Стоилковски.

Од место во УО на ЈП Водовод се откажа и Марија Митева, исто така портпаролка во ВМРО-ДПМНЕ.

– Во мојот начин на делување немало двојни принципи, ниту ќе има во иднина. Интегритетот е нешто кое нема цена! Стојам зад тоа, со целиот свој професионален начин на делување од почетокот и ќе е остане така до крајот! СДСМ ги гледа функциите во државава како начин за печалење пари, за криминал, јас пак бев силно уверена дека ќе го извадам криминалот на ЈП Водовод на виделина, ќе и образложев на јавноста како се склучувале договори за изградба на водоводна мрежа на Варшавска итн. Но ќе дадев и свој личен пример како со домаќинско работење се доаѓа до успех. Но, нема да им го пружам задоволството на СДСМ да си држат пресови со намера да фрлат црна дамка на мене, затоа се заблагодарувам на довербата, но барам предлогот за мене да биде повлечен – посочи Митева.

Сличен допис стигна и од Димче Арсовски, третиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше предложен за член на УО на едно од јавните претпријатија под капата на Град Скопје. Во конретниот случај, Арсовски беше предвиден за член на УО на ЈП Водововод.

– Гледајќи ја целата оваа паника, страв и оцрнување на моето име на социјалните мрежи од партиските апаратчици и оние поддржувачи, а дел и креатори на криминал и корупција во институциите, сакам јавно да известам дека барам да бидам отстранет од предлог-листата за член на УО, од едноставна причина, што нема да дозволам стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на моето име и семејство, но и ВМРО-ДПМНЕ, чии кадри работат чесно и искрено откако се на функциите. Едно ќе порачам, останувам уште повеќе фокусиран на разоткривање на криминалот и корупцијата на актуелната власт и нивните претходни кадри, иако нема да бидам дел од институционалното управување – вели Арсовски.

Поврзани содржини