ПОРАЗОТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ Е РЕЗУЛТАТ НА НЕЕДИНСТВОТО ВО ПАРТИЈАТА Ковачевски ја поднесе кандидатурата за лидер на СДСМ и вети обединување
Една од моите основни заложби ќе биде да го вратиме единството во партијата. Најзначајно за нас е да ја вратиме вербата дека можеме да го унапредиме нашето општество, имајќи го предвид јасниот пат на нашата држава кон ЕУ, рече Димитар Ковачевски, кандидат за лидер на СДСМ.
Ја поднесов мојата кандидатура за претседател на политичката партија СДСМ, а ја доставив и мојата програма со наслов „Заедно, одговорно и посветено“, рече кандидатот за наследник на Зоран Заев во СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната средба со новинарите пред партиското седиште во Скопје.
– Мојата програма се базира на три основни столбови, а тоа се социјалдемократската визија, јасни социјалдемократски вредности од коишто извираат принципите и резултатите, економски раст, посветеност кон економските политики и зголемувањето на животниот стандард на граѓаните, како и јасен систем во којшто најдобрите ќе ја добијат одговорноста и шансата за унапредување на системот и исполнување на сите проекти коишто се ветени пред граѓаните. Секој член на партијата е значаен, секој член на партијата ќе го даде својот глас, а тоа е доказ дека партијата работи во насока на демократија и организација – рече Ковачевски.
На прашањето на што се должи дебаклот што го доживеа СДСМ на последните локални избори, Ковачевски одговори дека најголема улога одиграло неединството.
– Актуелното партиско раководство е избрано само пред седум-осум месеци, па ако го анализираме изборниот резултат од локалните избори, тој се должи на СДСМ настапи без дел од своите коалициски партнери, а и дел од партиските членови настапија со свои листи и со свои кандидати. Една од моите основни заложби ќе биде да го вратиме единството во партијата. Најзначајно за нас е да ја вратиме вербата дека можеме да го унапредиме нашето општество, имајќи го предвид јасниот пат на нашата држава кон ЕУ – рече Ковачевски.
За одлуката на Фросина Ременски да се кандидира за лидер на СДСМ, Ковачевски рече дека тоа само го потврдува демократскиот капацитет на партијата.