ПОРАСНАА ДЕПОЗИТИТЕ И КРЕДИТИТЕ ВО БАНКИТЕ Граѓаните и компаниите сега чуваат 10,6, а должат 9,1 милијарди евра

Вкупните депозити во јануари на годишно ниво се зголемени за 10,5%,а вкупните кредити забележаа раст од 13,6%.

25

Вкупните депозити во јануари на годишно ниво се зголемени за 10,5%, во поголем дел поради порастот на депозитите на секторот домаќинства. Вкупните кредити, пак, бележат зголемување од 13,6% под влијание на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес во корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.

Според овие податоци, сега компаниите и граѓаните во банките чуваат 10,6 милијарди евра, а нивниот кредитен долг изнесува 9,1 милијарди евра.






Паричната маса во јануари 2026 година е намалена за 1,4 % на месечна основа, во поголем дел како резултат на падот на краткорочните депозити и на депозитните пари при негативен придонес и на готовите пари во оптек и на долгорочните депозити до две години. И сега таа изнесува 11,7 милијарди евра.

На годишно ниво, паричната маса бележи зголемување од 10,7 % поради растот на депозитните пари и краткорочните депозити при помал раст и на готовите пари во оптек и на долгорочните депозити до две години.

Во јануари депозитите на корпоративниот сектор забележаа месечно намалување од 2,1 % како резултат на намалувањето на краткорочните депозити, во услови на остварен раст на депозитните пари и на долгорочните депозити. Споредено на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор бележат зголемување од 9,8 % поради растот на депозитните пари и на краткорочните депозити, во помала мера и на долгорочните депозити во денари, а долгорочните депозити во странска валута забележаа намалување.

Овој месец вкупните депозити на домаќинствата остварија месечен пад од 0,4 % како резултат на намалените депозитни пари, а другите компоненти забележаа раст. Годишниот раст изнесува 11,3 % и во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута.

Кредитите на корпоративниот сектор во јануари се зголемија за 0,4 % на месечна основа, во поголем дел поради повисоките кредити во денари при помал раст и на кредитите во странска валута. Во споредба со јануари претходната година, забележан е раст од 16,2 %, кој во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари во услови на пад на кредитите во странска валута.

Кредитите на домаќинствата во јануари бележат месечно и годишно зголемување од 0,5 и  од 11,2%, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, е остварен месечен пад од 0,2 % при годишен раст од 10,7 %, а станбените кредити се зголемени за 0,7 и за 16,1 % на месечно и на годишно ниво.

Во јануари автомобилските кредити бележат месечно зголемување од 0,1 и и годишен раст од 0,7 %..

Кај кредитите одобрени на кредитните картички е забележано месечно и годишно намалување од 0,9 и од 5,2%, а кај негативните салда на тековните сметки е остварен месечен и годишен раст од 15,0 и од 0,8%.

Кредитите одобрени врз други основи во јануари се намалени за 1,7 и  од 11,8 % на месечна и на годишна основа.

Поврзани содржини