ПОРАНО СЕ ЧЕКАШЕ 2 ЧАСА ЗА ДО ШАЛТЕР, СЕГА 15 МИНУТИ Прецизни анализи на нови апарати за 900 пациенти дневно на Институтот за клиничка биохемија

Од 400 на 900 е зголемен бројот на пациенти кои дневно добиваат услуга затоа што е воведен дигитализиран систем со бројчиња и со монитори, зголемен е бројот на шалтерите и се користат бар-код скенери за упатите, за побрз прием на пациентите, вели директортката на Институтот за клиничка биохемија, д-р Николина Гроздановска.

647

Институтот за клиничка биохемија има подобрена ефикасност и прецизност во работата, а бројот на пациенти кои дневно добиваат услуга е зголемен од 400 на 900, рече д-р Николина Гроздановска, директорка на Институтот за клиничка биохемија во поткастот ,,ВМРО-ДПМНЕ зборува“.

Таа зборуваше за дигитализацијата и за модернизацијата на шалтерското работење и истакна дека во Институтот се направени големи исчекори во унапредување на здравствените услуги.






– Институтот за Клиничка биохемија се занимава со биохемиски анализи. Освен со стручна и професионална работа се занимава како терцијална установа и со научно истражувачка работа. Се едуцираат здравствени кадри, почнувајќи од средно медицински кадар до доктори коишто завршуваат медицински факултети, специјалисти и субспецијалисти – рече Гроздановска.

Таа изјави дека е вработена во Институтот од 2011 година и многу добро ги познава внатрешната состојба и предизвиците со кои се соочува институцијата. Гроздановска истакна дека по нејзиното назначување за директор е формиран тим кој направил сеопфатна анализа на целокупната ситуација, а проблемите биле систематизирани според приоритет и биле одредени временски рокови за нивно решавање.

– На почеток најголем проблем ни беше гужвата пред самиот институт, голем број на пациенти кои чекаа да ја добијат својата услуга, а ние бевме малку побавни. Проблемот беше што системот на шалтерското работење беше застарен, со викање на пациентите. Тоа многу брзо и лесно се реши со мали интервенции, без да чини многу пари – вели Гроздановска.

Гроздановска истакна дека е воведен дигитализиран систем со бројчиња и со монитори, зголемен е бројот на шалтери и се користат бар-код скенери за побрз прием.

– Воведовме дигитализиран систем, пациентите си го гледаат бројчето и гледаат на кој шалтер треба да се пријават. Го зголемивме бројот на шалтери коишто ги примаат пациентите. И истовремено, воведовме бар-код скенери, читачи коишто го читаат бар-кодот што го има на самиот упат. Претходно шалтерските работниците го внесуваа таму. Со скенирање на бар-кодот, за 2 секунди нашиот лабораториски информативен систем ги превзема сите податоци од Мој термин за потребните анализи и за пациентот. Многу се скрати времето на чекање. Ако порано се чекаше 2 часа, пациентите за да дојдат воопшто на шалтерот, сега не се чека повеќе од 15 минути – кажа Гроздановска.

Таа нагласи дека лабораториските анализи не се евтини, па затоа е важно што повеќе пациенти да добијат услуги во државните институции, каде што секој месец придонесуваат преку здравственото осигурување. Гроздановска потенцираше дека, благодарение на дигитализацијата, бројот на пациенти што добиваат услуга пораснал од 400 на речиси 900 дневно, што, според неа, претставува значителен напредок.

Гроздановска посочи дека вториот голем проблем бил застарената опрема и анализаторите, кои често се расипувале и барале сервисирање, што создавало дополнителни потешкотии и за персоналот и за пациентите. Таа нагласи дека веднаш започнала преговори за нивна замена, и во моментов Институтот располага со најнова генерација апарати.

– Во моментов имаме комплетно сменети апарати, анализатори коишто се од најновата генерација. Повеќето ги нема во Македонија, а ги нема и во блиската околина. Во моментов инсталираме, т.н интегрирани системи. Сега ние користиме интегрирани системи, двата се споени во еден, биохемискиот и имунолошкиот. Се намалува во трошењето на епрувети и се намалува времето за изработка на потребната анализа, значи резултатот ќе го добиеме многу подобро. Анализаторите се последна генерација во медицинската биохемија, а тоа значи дека и резултатите се многу попрецизни и многу побрзо време се добиваат. Во моментов сега инсталираме комплетно автоматизиран систем. Таков автоматизиран систем нема на Балканот – заклучи Гроздановска.

Поврзани содржини