ПОРАНЕШНИОТ ИЗРАЕЛСКИ ПРЕМИЕР ЕХУД БАРАК ЧЕСТО ПРЕСТОЈУВАЛ ВО СТАН НА ЕПСТИН ВО ЊУЈОРК Му бил гостин и после пресудата за подведување малолетнички

Барак бил во чест контакт со Епстин и со неговите соработници во врска со посети и безбедносни аранжмани, а со сопругата престојувале во неговиот стан неколку пати подолг временски период.

104

Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак неколку пати престојувал во Њујорк во стан во сопственост на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, покажуваат пораките од електронска пошта објавена од американското Министерство за правда, објавија денеска израелските медиуми.

Во објавените пораки се гледа дека Ехуд Барак и неговата сопруга, Нили Приел Барак, повеќепати престојувале во станот на Епстин помеѓу 2015 и 2019 година, откако Епстин веќе беше осуден по обвинение за наведување малолетничка во проституција, објави „Тајмс оф Израел“.






Како што е наведено во интерната кореспонденција, персоналот на Епстин повремено го нарекувал тој простор „станот на Ехуд“.

Е-поштата, исто така, покажува дека Барак бил во чест контакт со Епстин и со неговите соработници во врска со посети и безбедносни аранжмани и дека двојката престојувала во неговиот стан неколку пати подолг временски период.

Во истата зграда имало неколку станови што ги користеле Епстин и други, од кои некои персоналот ги нарекол „станови за девојчиња“. Со години Епстин сместувал модели во станови во таа зграда, а некои од нив имале само 13 години.

Објавените документи, сепак, не укажуваат на никаков контакт меѓу девојките и двојката Барак, објави „Тајмс оф Израел“.

Кабинетот на поранешниот премиер потврди дека двојката „од време на време“ престојувала во стан во сопственост на Епстин за време на приватни посети на САД, додавајќи дека Барак жали за својата поврзаност со покојниот американски сексуален престапник.

Поврзани содржини