„НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ВЕШТАК НЕКОЈ ШТО СУМ ГО СМЕНИЛ ПОРАДИ НЕСТРУЧНО РАБОТЕЊЕ“ Ексдиректорот на Онкологија Никола Васев не се чувствува виновен

Одбраната на Васев рече дека против него се води „некој вид заговор“ и дека во целост ќе се спротивстават и ќе ги побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на докторите Даворин Милосављевиќ од Белград, Србија и Маја Радник, од Марибор, Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството. 

511

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, кој заедно со уште тројца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти денеска пред Основниот кривичен суд Скопје рече дека не се чувствува за виновен.

– Не, апсолутно не – одговори Васев, на прашање од Судот дали се чувствува виновен за кривичните дела кои му се ставаат на товар.






Одбраната на Васев рече дека против него се води „некој вид заговор“ и дека во целост ќе се спротивстават и ќе ги побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на докторите Даворин Милосављевиќ од Белград, Србија и Маја Радник, од Марибор, Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.

Како вербални докази, адвокатот на Васев рече дека, предлагаат сослушување на вештите лица од Словенија и од Србија што го изработиле вештачењата за Обвинителството во предметот, со оглед на одлуката на Судот за одбивање на барањето за нивно одбивање како прибавени на незаконит начин.

– Имаме јасна цел да докажеме дека обвинетиот Никола Васев професионално и законито ја извршувал својата професија и работните задачи на Клиниката за онкологија. Преку сослушување на овие лица покажуваме јасна намера дека не ни е целта вознемирување на јавноста во нашата држава и на тој начин да ја градиме одбраната, туку сведоците да посочат за работењето на Клиниката, односно за постоењето и следењето на протоколи на Клиниката, како и на правилно извршување на задачите на обвинетиот – изјави адвокатот на Васев.

Васев реагираше и дека се дозволило во постапката вешто лице кое тој го сменил од директор на Клиниката кога станал директор во 2017 година.

– Зошто не се опфатени првите шест месеци од мојот мандат… Многу едноставно, зашто наследив долг од 1,7 милиони евра и на крајот од годината завршиме со долг од 30.000 евра. Тоа лице што ги направило тие долгови и реверзи на лекови што ги наследив не може да биде вешто лице во мојот случај, а сум го сменил од директорско место за нестручно работење – изјави Васев.

Васев посочи дека има 35 години рабоно искуство со 1.000 пациенти годишно, членство во сите европски институции за изработување на сите тие протоколи за кои го обвинуваат, повеќе од десет авторски труда со најголем импакт фактор, единствен од Македонија што има авторски труд во „Ланест’ токму за употреба на имунотерапија.

Во судница присутни се и останатите тројца обвинети Мери Пешевска, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје.

На почетокот, судијката Снежана Марковска, информираше дека приговорите на одбраната за вештачењата изработени во Словенија и во Србија, се одбиваат како неосновани.

– Не се дозволува издвојување на вештачењата од списите на доказите по предметот. Со оглед дека се доставени замолници за меѓународна правна помош до надлежните органи согласно законите за меѓународна правна помош, судот цени дека доказите се прибавени на законите начин – изјави судијката Марковска.

Судот на почетокот го одби и барањето за спојување на постапката од страна на одбраната на Нино Васев со предметот што се види против него и економскиот директор на Онкологија Нехат Нухи.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска во однос на предлогот рече дека од доказите набавени во истражната постапка е донесена одлука за поднесување на две засебни обвиненија од објективни причини.

– Природата на кривичните дела воопшто не е иста и доказите кои ги цитирате не се во голем број за да направат суштинска разлика. Обвинителството смета дека е поцрлисходно постапките да се одвоени и да се водат засебни – изјави Гоговска Јакимовска.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.

Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

Поврзани содржини