Никој не може да предвиди уште колку време ќе трае состојбата со кризата што ја предизвика корона вирусот, но сепак едно е јасно: кризата ја почувствуваа сите дејности и сектори и нè поттикна да почнеме да применуваме нови начини на функционирање и да користиме современи технологии. Овој период се соочивме со многу недостатоци и на површина испливаа многу прашања кои нè мачат, на кои допрва треба да дадеме одговори, посебно во делот на образованието и наставниот процес.
Сепак, во моментов, најважно е да се одговори на прашањата: Како нашите ученици и студенти ќе ја завршат учебната година и дали ќе добијат јавен документ за продолжување на образованието или за нивно вработување? Дали нашите учениците ќе ги имаат потребните знаења, вештини и компетенции и дали истите се оспособени да ги применат во секоjдневниот живот и да им го олеснат патот кон побрзо вработување?
Можеби овие прашања треба да не поттикнат да почнеме да размислуваме за нов пристап во наставата и за изработка на нови наставни програми во кои ќе се посвети внимание на практичните вештини на учениците и способноста да го применат теоретското знаење.
Стопанската комора на Македонија подолго време укажува на аномалиите и празнините во образовниот систем, поткрепени со сериозни анализи, и дава свои препораки за остварување на клучните цели на образованието: стекнување вештини за вработување што се заеднички за сите, на сите нивоа на образование, и што ќе овозможат примена на специфичното знаење и стручните вештини на самото работно место и за новите современи технологии, модернизирани машини и опрема, наместо неупотребливо меморирање на факти и информации. Укажа дека треба да се размислува за нов пристап во наставата во која учениците ќе бидат оспособени практично да се користат со бројките, да пресметуваат, да комуницираат и да ја применуваат информатичко-компјутерската и друга технологија, да размислуваат и самостојно да решаваат проблеми. Потребно е да се промени пристапот на оценување и наместо да се вреднува и оценува напамет научената теоријата по информатика, ученикот да знае како практично, во зададена задача, да го примени наученото и да ја реши задачата. Да знае да работи во WORD и да ја користи ECXEL програмата, наместо да раскажува зошто се користи, да истражува, а не да прераскажува за постапките како се истражува на интернет, да презентира преку сопствено изработена презентација.
И за крај, Стопанската комора на Македонија, укажува дека низ образовниот процес ученикот треба да биде оспособен на едноставен и прецизен начин да знае да ги користи стекнатите вештини со јасен фокус на придобивката за ученикот за негово полесно вработување и личен напредок. Денес имаме современа технологија и завршените ученици и студенти треба да бидат подготвени за работа со новата технологија и модернизираните машини и опрема.
П.С. Целата состојба со кризата предизвикана од корона вирусот ќе помине. Периодот што ни следи нема брзо да ги врати работите во постојниот колосек. Останува прашањето дали ние ќе извлечеме поука од сето ова.
(Став на M-р Наташа Јаневска, самостоен советник)