Пораката од Макстил на Преспа форумот: Подобрување на инфраструктурата и еднакви економски можности
Една од целите на одржувањето на Преспа форумот за дијалог е пласирање и создавање идеи за процеси, практични решенија и можни одговори на отворени и актуелни прашања од регионален и глобален карактер кои ќе дадат суштински поттик за унапредување и збогатување на регионалната соработка.
Подобрување на интеграцијата преку воспоставување функционална инфраструктура и изедначени економски услови се двете основни прашања каде треба да се интервенира за брза и успешна интеграција на регионот во ЕУ, е пораката од Димитар Цветковски, претседател на Одборот на директори во „Макстил“ АД на Преспа форумот за дијалог.
Една од целите на одржувањето на Преспа форумот за дијалог е пласирање и создавање идеи за процеси, практични решенија и можни одговори на отворени и актуелни прашања од регионален и глобален карактер кои ќе дадат суштински поттик за унапредување и збогатување на регионалната соработка.
Во тој контекст Цветковски во своето обраќање ја истакна приоритетноста на инфраструктурниот развој.
– Регионот е физички многу поделен и многу лошо меѓусебно поврзан што го прави невозможен слободниот проток на луѓе, идеи, добра и капитал, a токму слободниот проток е еден од основните принципи на ЕУ. Коридорот 8 е, сè уште, само теорија, коридор што би се протегал по крајбрежјето на Јадранското Море од неговата источна страна, не е дури ни далечна идеја во ЕУ. Сега потребно е два до три пати повеќе време за патување меѓу главните градови во регионот, отколку во слични региони во рамките на ЕУ. Ова многу ја отежнува интеграцијата – рече Цветковски.
Со цел зајакнување на економиите во регионот, создавање услови за слободен и отворен пазар и доближување на компаниите од регионот до придобивките на европскиот пазар, Цветковски истакна дека неопходно е да има изедначен третман.
– Во економските односи, земјите од регионот честопати се третираат како и секоја друга земја надвор од ЕУ. Во споредба со економијата на ЕУ, големината на економиите во регионот е нематеријална и овој третман, освен што предизвикува економски товар на регионот, испраќа лоша порака дека ЕУ не се грижи и дека интеграцијата за нас во ЕУ е сè уште далеку. На пример, заштитните мерки за челикот ни беа наметнати како и за која било друга земја во светот, иако нашиот природен пазар е ЕУ како за влезниот материјал, така и за готовиот производ. Стравуваме дека истото ќе се случи со CBAM (Carbon border adjustment mechanism – Механизмот за јаглеродно усогласување на надворешните граници на ЕУ). Примената на овие мерки како да сме земја каде било во светот, ги ослабуваат економиите во регионот и само не оддалечуваат од ЕУ – истакна Цветковски.
Преспа форумот за дијалог како платформа за унапредување и збогатување на регионалната соработка, се одржува под покровителство на премиерот, со учество на претседатели на држави и влади, политичари од државите од регионот и од други европски и воневропски држави, меѓународни и регионални организации, како и претставници на академската и бизнис заедница.
„Макстил“ АД како компанија којашто 70% од своите производи ги пласира на пазарите на Европската Унија и според обемот на работа е еден од поттикнувачите на македонската економија, е и еден од претставниците на бизнис заедницата на форумот и еден од платинум спонзорите за одржување на истиот.