ПОРАКАТА НА ФОН ДЕР ЛАЈЕН Е ЈАСНА Џафери вели дека во предлогот пишува македонски јазик
Во ревидираниот предлог стои македонски јазик, без квалификација од ЕУ. Предлогот го почитува исто така вашиот национален идентитет, ја цитираше Џафери претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на Фејсбук објави дека пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при обраќањето пред пратениците е јасна – во ревидираниот предлог стои македонски јазик и се почитува националниот идентитет.
„Јасната порака на Фон дер Лајен: внимателно ги слушав сите грижи искажани во однос на македонскиот јазик и идентитет. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Ние целосно го почитуваме тоа. Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик, без квалификација од ЕУ. Предлогот го почитува исто така вашиот национален идентитет. Принципот на самоидентификација е важен за секој од нас. Можете да сметате на мене – како претседател на Европската комисија да осигурам дека процесот на пристапување строго ќе ги почитува европските принципи и стандарди. Имате успешно мултиетничко општество“, стои во објавата на претседателот на Собранието на Фејсбук.