Поради притисок од ЕУ, Србија ги замрзнува сите воени вежби и активности
Во наредниот период нема да учествуваме во какви било вежби или воени активности со НАТО, Организацијата Колективен безбедносен договор, Русија, САД, Кина, ЕУ, исток или запад - рече Александар Вулин.
Владата на Србија на денешната седница донесе одлука со која ги замрзнува сите воени вежби и активности со сите партнери, јави Б92.
– Република Србија е под страшен и незаслужен притисок од ЕУ. Притисоци кои немаат смисла и не се втемелени во нашите одлуки и во нашите постапки, па дури и во реалноста. Резултат се на хистерија што ги одредува политичките одлуки и насоките на големите моќни земји – изјави српскиот министер за одбрана Александар Вулин. .
– Од нас се бара да ги напуштиме планираните воени вежби со Белорусија по цена на напуштање на нашата европска иднина и по цена на уште поголем притисок врз нашата политика и врз нашиот народ во КиМ и Република Српска – додаде Вулин.
– Со одлука на Собранието на Србија, државата е воено неутрална земја и со цел да ја зачуваме таа позиција, и да ги избегнеме, или барем да ги намалиме последиците од засилените напади врз нашата земја, нашата политика и нашата економија, Владата на денешната седница одлучи во следните шест месеци да запре со сите воени вежби и сите активности со сите партнери – потенцираше српскиот министер за одбрана.
– Во наредниот период нема да учествуваме во какви било вежби или воени активности со НАТО, Организацијата Колективен безбедносен договор, Русија, САД, Кина, ЕУ, исток или запад – рече Вулин.
Белорусија соопшти дека засега не добила известување дека Србија нема да учествува во заедничката руско-белоруско-српска вежба Словенско братско 2020, која почнува в четврток.