ПОРАДИ ПОПЛАВИ СЕ ЕВАКУИРААТ ЛУЃЕ ВО КИЧЕВО Одрони на повеќе патни правци
Како што информира Центарот за управување со кризи, во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на улицата Прилепска. Во тек е евакуација на жители, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.
По обилните дождови во делови од Македонија се пријавени поплави и одрони на патиштата.
Како што информира Центарот за управување со кризи, во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на улицата Прилепска. Во тек е евакуација на жители, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.
Во Струга по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец Татеши-Мислодежда. За состојбата е известено ЈП „Македонија пат“ и се преземаат активности за санација.
Во Тетово и Гостивар се регистрирани одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.
Евидентирани се излевања на реката Вардар во село Балин Дол, Лукавичка Река во село Мало Турчане и Сушичка Река во село Горно Бањице. Поплавено е земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени Општина Гостивар, ДЗС, ЈКП „Комуналец“, ПС Гостивар, како и ХЕЦ Маврово, каде е преземено намалување на производството на електрична енергија.
Во Општина Боговиње поради излевање на вода надвор од постоечки канали, поплавено е обработливо земјиште. Директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и координира активности со надлежните институции.
Кај селото Сирхан, битолско, е саниран одрон, додека во селот Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и ДЗС Ресен.
Врнежите продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.
Според информациите од регионалните центри за управување со кризи, состојбата на поголемиот дел од територијата на Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.
Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема излевање на реки, ниту евидентирани последици од врнежите. Надлежните општински служби ја следат состојбата.
Во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип исто така не се пријавени поплави или одрони, состојбата е стабилна и под контрола.