ПОРАДИ ГРЕНЛАНД И ТРАМП, ВО ЕУ ВРИЕ КАКО ВО КОШНИЦА Пукаат односите со САД, фрчат царини, најавен вонреден европски самит

Тензиите околу Гренланд се прелеваат и во Европскиот парламент, каде неколку политички групи побараа одложување на гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД. Настаните околу Гренланд, според многумина во Брисел, претставуваат тест за европското единство и капацитетот на ЕУ да реагира како геополитички актер.

2

Европската Унија се соочува со нова сериозна трансатлантска криза откако американскиот претседател Доналд Трамп ја реактивираше идејата за преземање на Гренланд и ја проследи со закани за воведување царини кон повеќе европски земји. Развојот на настаните предизвика силни реакции во Брисел, мобилизација на европските институции и јасни пораки за поддршка на Данска и Гренланд.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека Европа стои цврсто и обединето во одбраната на суверенитетот на Гренланд и Кралството Данска. По консултациите со лидерите на клучните европски држави и со генералниот секретар на НАТО, таа нагласи дека Унијата ќе ги штити своите стратешки, економски и безбедносни интереси со решителност и солидарност.






Повод за ваквите реакции е најавата на Трамп дека од 1 февруари САД ќе воведат царини од 10 отсто за осум европски земји, поради нивното противење на американските аспирации кон Гренланд. Според најавите, царините би можеле дополнително да се зголемат, што сериозно ги доведува во прашање трговските и политичките односи меѓу двете страни на Атлантикот.

Во ваков контекст, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, најави свикување вонреден Самит на ЕУ во наредните денови, со цел координација на заедничкиот европски одговор. Тој истакна дека консултациите со лидерите на земјите членки го потврдиле единството на Унијата околу почитувањето на меѓународното право, територијалниот интегритет и солидарноста со Данска и Гренланд.

Кошта истовремено нагласи дека европските лидери се согласни оти евентуалните американски царини би ги поткопале трансатлантските односи и се некомпатибилни со постојниот трговски договор меѓу ЕУ и САД. И покрај тоа, Унијата засега покажува подготвеност за дијалог и конструктивен ангажман со Вашингтон.

Таа линија беше потврдена и на состанокот на амбасадорите на земјите членки во рамки на Корепер, каде беше договорено ЕУ привремено да се воздржи од одмазднички мерки и да му даде шанса на дијалогот со САД. Сепак, дипломатските извори наведуваат дека доколку не се постигне договор, Унијата од февруари би можела да воведе реципрочни санкции во значителен финансиски обем.

Паралелно, се разгледува и можноста за активирање на таканаречениот „инструмент против принуда“, механизам што ѝ овозможува на ЕУ да ограничи увоз на стоки и услуги, и кој досега никогаш не бил применет. Ова укажува дека, и покрај воздржаноста, Брисел сериозно се подготвува за сите сценарија.

Тензиите околу Гренланд се прелеваат и во Европскиот парламент, каде неколку политички групи побараа одложување на гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД. Лидерот на Европската народна партија, Манфред Вебер, оцени дека во услови на вакви закани од Вашингтон, одобрувањето на договорот не е можно, додека социјалдемократите и либералите јавно ги осудија економските притисоци поврзани со територијални претензии.

Прашањето за суверенитетот на Гренланд е и официјално ставено на дневен ред на тековната пленарна сесија на Европскиот парламент во Стразбур. Во рамки на сесијата се предвидени посебни дебати за одговорот на Европската Унија на аспирациите на Трамп, во поширок контекст на односите ЕУ–САД и растечките геополитички тензии.

Иако Гренланд е само една од многуте теми на агендата – заедно со Иран, Венецуела, Украина и европската безбедност – токму ова прашање се наметнува како симбол на пошироката дилема со која се соочува Унијата: како да ја заштити својата стратешка автономија, а истовремено да ги зачува трансатлантските врски.

Настаните околу Гренланд, според многумина во Брисел, претставуваат тест за европското единство и капацитетот на ЕУ да реагира како геополитички актер.

Поврзани содржини