Шефицата на Основното јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, вчера до ВМРО-ДПМНЕ доставила опомена пред тужба за клевета поради дел од содржината на изборниот спот на опозициската коалиција, насловен како „Криминална приказна“, објави Дојче веле.
Во посочениот изборен спот, мајката го прашува детето која приказна сака да му ја прочита, а нејзиниот избор паѓа на приказна, која во спотот е прикажана со наслов: „Зоран и илјадниците ветувања“. Во нарацијата како главни протагонисти се спомнуваат „Црвенкапа, Зоран, Вицето и Рада“. Приказната што мајката му ја раскажува на детето, завршува со порака на Зоран до Црвенкапа: „Многу прашуваш ти, ќе ми направиш проблеми. Имам претчувство дека Вилма ќе те викне да си одбереш за што да ти покрене обвинение”.
Приказната завршува со „…И сите криминално си живееја. Потоа им дојде даскалот“.