ПОРАДИ БИЗНИСИТЕ СО ЈАГЛЕН НА СДСМ И ДУИ ПЛАЌАМЕ ДРАСТИЧНО ПОСКАПА СТРУЈА Цената на производство на електрична енергија значително ќе падне
Набргу од денес ЕСМ ќе биде целосно консолидирана и вратена во нормала, а производствената струја повторно ќе биде по далеку пониски цени од времето на СДСМ и ДУИ, рече пратеникот Бране Петрушевски.
Криминалното и недомаќинско работење на СДСМ и ДУИ во енергетскиот сектор и во управувањето со ЕСМ резултираше со поскапа струја за граѓаните 7 години по ред, и е причина за финансиските проблеми на претпријатието до денес, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
– Ако во 2017 година кога ЕСМ го раководеше премиерот Христијан Мицкоски просечната производствена цена на 1 мегават час струја во РЕК Битола беше 33 евра, сега истата е 133 евра за мегават час. Зошто е тоа така? Ако ја погледнеме статистиката ќе видиме дека во времето кога премиерот Мицкоски управувал со ЕСМ производствената цена на струјата била пониска за над 25% од цената пред тоа. А што се случува потоа? Цената од година во година расте, за во 2023 година да достигне 103 евра за мегават час, а во 2024 година 133 евра за мегават час. Растот на цената е причинет од некопањето на сопствен јаглен, и скапиот увозен јаглен. Бизнис интересот на СДСМ и ДУИ сега го плаќаме сите ние – рече Петрушевски на прес-конференција во седиштето на партијата.
Цената на произведен мегават час струја може да се намали, додаде тој, и веќе раководството на ЕСМ работи на тоа.
– Последиците кои СДСМ и ДУИ ги предизвикаа уште некое време ќе се чувствуваат. Набргу од денес ЕСМ ќе биде целосно консолидирана и вратена во нормала, а производствената струја повторно ќе биде по далеку пониски цени од времето на СДСМ и ДУИ – рече Петрушевски.