ПОПУЛИЗАМ ИЛИ ГРИЖА ЗА РАБОТНИЦИТЕ? Петрушевски со остри критики кон синдикатите
Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ ги критикува барањата на ССМ за зголемување на минималната плата, обвинувајќи ги за популизам и селективна загриженост за работниците.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, вечерва во емисијата „Топ тема“ на Телма остро ги критикуваше барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија за значително зголемување на минималната плата, обвинувајќи ги за популизам и селективна загриженост за работничките права.
Според Петрушевски, иако е јасно дека се потребни повисоки плати, предложеното зголемување не е вистинското решение и може да донесе сериозни негативни последици за економијата и пазарот на труд.
– Дали треба повисоки плати? Да, меѓутоа дали решението е ова – се сомневам. Во Македонија никогаш не се носат еднострани одлуки. Во 2020 година минималната плата беше 14.500 денари со инфлација од 1,2 проценти. Во 2021 година изнесуваше 15.194 денари, со инфлација од 3,2 проценти, што е раст од само 644 денари – рече Петрушевски.
Тој потсети дека во 2022 година, со договор меѓу синдикатите и работодавачите, беше изменет Законот за минимална плата и беше утврден фиксен износ од 18.000 денари, што тогаш било претставено како системско решение за заштита на работниците од политички одлуки.
„Во 2023 година имаме зголемување од 2.175 денари, во 2024 инфлацијата достигна 14,2 проценти, а во 2025 целта е таа да се стабилизира на 4,1 процент и да има зголемување на минималната плата“, додаде пратеникот.
Петрушевски обвини дека ССМ и опозицијата во минатото молчеле кога инфлацијата била двоцифрена, а сега, како што рече, одеднаш покажуваат загриженост за работниците.
„Оваа опозиција и овој синдикат, кога беа на власт, не беа загрижени за минималната плата и достоинствениот живот на работниците. Сите молчеа. А сега одеднаш бараат зголемување од 15.103 денари, односно 61,91 процент“, истакна Петрушевски.
Тој предупреди дека носењето законски решенија под притисок може да доведе до зголемување на сивата економија, отпуштања и практики каде дел од платите повторно се враќаат од работниците.
„Да не водиме политика на популизам и да не ги замајуваме граѓаните дека со закон ќе наложиме исплата на плати. Тоа може да нè врати назад – со отпуштања, зголемување на сивата економија и притисоци врз работниците“, дециден е Петрушевски.