ПОПУЛАРНАТА ОНЛАЈН ПРОДАВНИЦА „ШЕЈН“ ДОБИ ВИСОКА КАЗНА Француски регулатор утврди дека ги мамела купувачите
Компанијата ја оспори одлуката бидејќи смета дека е политички мотивирана.
Францускиот орган за заштита на податоци CNIL го казни онлајн трговецот Шејн (Shein) со 150 милиони евра за неправилна употреба на колачиња. Компанијата најавува жалба и тврди дека одлуката е „политички мотивирана“.
Казната од 150 милиони евра одговара на приближно два проценти од приходите на ирската подружница на Shein во Европа, кои изнесуваа 7,68 милијарди евра во 2023 година.
Регулаторот открил дека француската страница на Shein не е во согласност со европските прописи за приватност.
„Големината на казната го зема предвид фактот дека компанијата игнорирала неколку обврски: поставила колачиња без согласност, не ги почитувала одлуките на корисниците и не ги информирала правилно и навремено“, објави CNIL
Ова регулаторот го утврдил во тест спроведен во август 2023 година. И покрај тоа што корисниците можеле да одбијат колачиња ( мали датотеки што овозможуваат следење на активностите и таргетирање на реклами) за време на нивните посети, сепак некои колачиња останале бидејјќи биле инсталирани без согласност на корисникот.
Според Општата регулатива за заштита на податоци на ЕУ (GDPR), колачињата се сметаат за лични податоци и нивното поставување бара експлицитна согласност.
Големината и влијанието на Shein, исто така, одиграа улога во одлуката – страницата има околу 12 милиони француски корисници месечно.
Компанијата изјави дека „силно ја оспорува“ одлуката на регулаторот и ќе поднесе жалба.
„Веруваме дека казната е целосно непропорционална, со оглед на природата на наводните проблеми, нашето целосно почитување на законот и проактивните мерки што ги презедовме“, се вели во соопштението.
Компанијата наведува дека од август 2023 година, целосно соработувала со CNIL и ги зајакнала сите аспекти на своите практики за заштита на податоците.