Поправената цевка пак пукна, Тетово втор ден без вода

476

Тетово денеска повторно е без вода, зашто цевката која вчера беше поправана 12 часа под пороен дожд, денеска повторно пукна стотина метри подолу кон Шарената џамија на улицата Цветан Димов.

Работата на екипите на јавното комунално претпријатие „Тетово“ и денес им ја отежнува врнежливото време.






– Оваа водоводна цевка што вчера пукна, а која е во близината на полициската станица, опслужува со вода за пиење околу 60 проценти од градот. Станува збор за стара салонитна цевка која беше заменета со пластична цевка во должина од неколку метри. Дождливото време и непристапноста до цевката, бидејќи веднаш до неа поминуваат уште три други водоводни цевки и електрични кабели под висок напон, бараа голема вниматлност при работата и затоа дефектот не можеше брзо да биде отстранет. Мораше да се отстранат 4 и пол метри од салонитната цевка која беше целата распукана. Со работата завршивме околу 1 часот по полноќ, па во текот на ноќта поголемиот дел од градот доби вода за пиење. Меѓутоа, изутринава утврдивме дека има истекување на самата спојка меѓу пластичната и лесонитната цевка. На оваа поправка уште работиме и оваа поправка планираме брзо да ја завршиме. Но, набрзо увидовме дека се појавил уште еден дефект на оваа водоводна цевка, стотина метри подолу во паркот кај Шарена Џамија. Се работи за истата водоводна цевка која досега повеќе пати предизвикувала големи дефекти бидејќи е стара, најверојатно седумдесетина години, дотраена е и неквалитетна, односно лесно е кршлива. Поради сето ова се затворени речиси сите системи па сѐ додека целосно не се отстранат дефектите, околу 90 проценти од градот е без вода за пиење – изјави раководителот на водотехничката лабораторија на ЈКП Тетово Љуљзим Шаќири, пренесе порталот СДК.

Тој се пожали дека водоводениот систем не е целосно обележен и дека прави големи губитоци, како и дека ваква стара мрежа со кржливи цевки има во повеќе градови во земјава.

На 31 јули се навршија 90 години од постоењето на тетовскиот градски водовод.

Поврзани содржини