Попова Шапка добива информативно-едукативен центар и две соларни еко–зони

Еко-зоните во бачилата им овозможуваат на планинарите и посетителите: место за одмор, пристап до електрична енергија за полнење на своите уреди, топли пијалоци, дегустација на традиционална храна.

187

На Попова Шапка од утре ќе почнат да работат информативно- едукативен центар и две еко-зони. Центарот е сместен во близина на манастирскиот комплекс на Попова Шапка, а еко-зоните во  бачилата „Извори на река Пена” и „Грагор –Љуботен“ .

Проектот е реализиран од планинарскиот клуб „Шара – Ски“ – Тетово, поддржан од Проектот за поддршка на економската диверзификација на руралните области во Југоисточна Европа (СЕДРА), по налог на сојузното Министерство за економска соработка и развој (БМЗ) и спроведено од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).






– Во едукативното катче посетителите ќе добијат информации за историјата, флората и дивиот свет на Шар Планина, информации и едукација за различни активности и можности за спорт на планина, вклучувајќи патеки за пешачење и велосипедизам, скијање, алтернативни форми на туризмот во текот на целата година, безбедносни протоколи, капацитети за сместување и услуги. Исто така, Центарот нуди простор за организирана посета на поголеми групи, основци, средношколци и студенти. Во Центарот, посетителите ќе најдат разновидна печатена, фото и видео документација за Попова Шапка, а на располагање на посетителите е водич кој ќе може да им ја објасни на посетителите содржината на едукативниот агол – информираат од планинарскиот клуб.

Центарот е отворен за сите посетители бесплатно. Тој е опремен со предавална, пулт, дрвени штандови, места за напојување со електрична енергија, простор за одмор на отворено, ТВ, компјутер, проектор.

Од утре ќе проработат и двете еко – зони опремени со фотоволтаични панели и простор со маси и клупи за одмор. Овие еко-зони за одмор се наоѓаат на високо-планински терен, по должината на познатата „High Scardus Trail” патека и се сместени во бачилата „Извори на река Пена” и „Грагор –Љуботен“.

– Еко-зоните во бачилата им овозможуваат на планинарите и посетителите: место за одмор, пристап до електрична енергија за полнење на своите уреди, топли пијалаци, дегустација на традиционална храна (сирење, качамак, ајвар, домашен леб). Исто така, поставени се информативни табли во ски – центарот „Попова Шапка“ и на локациите со детални информации за посетителите за еко–зоните – велат од планинарскиот клуб.

 

Поврзани содржини