ПОПЛАДНЕ МОЖНА СРЕДБА НА СОНК СО ВЛАДАТА Ако нема нова понуда, штрајкот продолжува
Претседателот на СОНК додаде дека тука не смее да се заборават ниту дејностите високо образование и наука, како и ученичките и студентските домови.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков на денешната прес-конференција истакна дека до овој момент нема никакви промени во разговорите со претставниците на владата, па поради тоа штрајкот продолжува.
– Имаме најава за можно одржување на средба во попладневните во владата, но за конкретно и потврдување очекуваме подоцна да бидеме информирани – рече Неделков.
Тој истакна дека нивното очекување е во интерес на учениците, на децата во детските градинки, во интерес на родителите, како и на оние кои се вклучени во штрајкот, владата да смогне сили и да изнајде средства со што ќе бидат договорени побарувањата кои ги има доставено СОНК.
– Како што е веќе познато станува збор за усогласување на платите во дејностите коишто ги застапува СОНК, продолжување на преговорите за потпишување на Колективните договори во детските градинки, во основното и во средното образование, како и договор за динамика на порастот на платите во овие дејности за 2023 и за 2024 година – изјави Неделков.
Претседателот на СОНК додаде дека тука не смее да се заборават ниту дејностите високо образование и наука, како и ученичките и студентските домови.
На прашањето кој би бил за нив прифатлив предлог, откако СОНК ја одби понудата на Владата за зголемување на платите од 10 отсто, Неделков одговори дека како што и досега истакнувале, „секој предлог којшто ќе биде понуден од Владата ќе оди на експресна расправа во членството“.
– И изјаснувањето на членството ќе биде пресудно за нас, дали ќе биде прифатена понудата или не. Така што, кој и да е предлог, не зависи од луѓето коишто се овде седнати, туку зависи од оние коишто го иницирале штрајкот и тие треба да донесат практично и одлука за да се повлече штрајкот – рече Неделков.
Поддршка на штрајкот на СОНК му даде и директорката на Европската конфедерација на Синдикатот за образование, Сузан Клокен која на прес-конференцијата рече дека имаат 127 организации членови и дека СОНК е важен член. Истакна дека го претставуваат гласот на околу 11 милиони наставници во Европа и дека е дојдена да ја искаже солидарноста за СОНК и неговите барања за повисок стандард и плати за наставниците, посочувајќи ја и улогата на наставниците во обезбедувањето пристап до образование во време на пандемија.
– Тие ја заслужуваат нашата почит, заслужуваат подобро отколку само зборови. Образованието е повеќе од само образование , тоа е подготовка на идните генерации и наставниците. Квалитетно образование е темел на целото општеството. Стоиме до колегите наставници овде во борбата за нивните права – рече Клокен, додавајќи дека ќе има средба и со министерот за образование за јасно да ги поддржи барањата на СОНК.