Пописни акробации во Албанија
Со пописот е нанесена огромна и повеќеслојна штета на македонизмот во целина, не само на Македонците во Албанија. Во целата турлитава, тоа што не нарекувале „Северномакедонци“, и не е најбитното. Апсурдот е максимален кога се знае дека на пописите во Албанија, до сега, немало ниту еден Бугарин, а сега има повеќе (7.957), отколку во Македонија (3.504)!
И, замислете, претставникот на македонската Амбасада во Тирана, демонстративно ја напуштил презентацијата на резултатите од пописот, одржан минатата година! Причината била што, место Македонци, стоело – „Северномакедонци“, а била спомната и Северна Македонија, додека матичните држави на другите малцинства – не се наведувале!
Прво што мора да се праша е – а, каде бил амбасадорот? Можело ли да не му биде јасно дека резултатите од пописот, особено по се’ што се случуваше – се исклучително важни за нас? Второ, дека со своето присуство ќе покажел дека сме нагласено заинтересирани за пописот и неговите резултати, и дека доста беше со нивните византиски игри. Трето, ако во резултатитe од пописот стои „Северномакедонци“ и Северна Македонија, истото сигурно било и во пописните листи. Тогаш, каде биле до сега нашите дипломати во Тирана? Не е за верување дека во листите имало „Македонци“, а во резултатите – Северџани? Тоа би бил голем – фалсификат!
Со пописот е нанесена огромна и повеќеслојна штета на македонизмот во целина, не само на Македонците во Албанија. Во целата турлитава, тоа што не нарекувале „Северномакедонци“, и не е најбитното. Апсурдот е максимален кога се знае дека на пописите во Албанија, до сега, немало ниту еден Бугарин, а сега има повеќе (7.957), отколку во Македонија (3.504)!
Демонстрацијата во Тирана е несоодветна и задоцнета. Се реагирало на ословувањето на нашата држава, што е добро, ама не и на резултатите од самиот попис, коишто се за нас најважни. Впрочем, сега е доцна за се’. Реакциите на пописот, нема ништо да променат. Обична врева. Амбасадорот и Амбасадата, мораа да реагираат кога се одржуваше пописот, дури и пред тоа, свесни што се’ превземаше бугарската Амбасада против Македонците, со ангажирање и на нивни фондации и на НВО.
Ако, пак, „нашите“ дипломати не разбирале што се случуваше околу пописот во Албанија, морале да чујат, да дознаат, да разберат… од самите Македонци, коишто секојдневно грмеа дека Софија се меша во пописот, а Тирана тоа го толерира; дека се прават невидени злоупотреби и манипулации против Македонците; дека јавно се продаваат измислени потврди за некакво бугарско потекло на Македонците, од страна на албански официјални лица по општините (тоа беше прикажано и на ТВ!); дека тоа најверојатно било правено во договор со бугарската страна; дека имаше докази дека бугарската Амбасада, и другите нивни „активисти“, директно ги поткупувале попишувачите коишто во пописните листи можеле да запишат што сакаат, со оглед дека пописот беше електронски; дека и од попишувачите се уценувале носителите на бугарски пасоши, земени од чисто економски причини, дека ќе им бидат одземени ако не се декларираат како Бугари; дека на социјалните мрежи биле објавувани копии од пописни листи, за да се покаже дека се има увид кој како се попишал…
Морале да прочитаат барем дека, заради пописот, во Албанија престојуваше и бугарската потпретседателка, Јотова.
За цело тоа време, ние не чувме дека имаме Амбасада во Тирана, камоли дека нешто преземала. Истото се случуваше и претходно, кога во албанскиот Устав беше внесено непостоечко бугарско малцинство. Македонците се бунеа, Амбасадата молчеше, а со неа и Македонија.
Акредитираниот амбасадор е најодговорен за односите меѓу двете земји. Негова прва и главна обврска е да следи се’ што се случува во земјата на службување, и веднаш и жестоко да реагира на се’ што е против интересите на сопствената. За време на пописот во Албанија, нашиот амбасадор мораше да ги преземе сите можни чекори кај албанските власти, за да се спречат манипулациите, коишто отворено ги спроведуваше Софија. Тирана тоа го толерираше. Дали имало договор меѓу нив, или не, и не е најбитно.
Во вакви ситуации, според дипломатската пракса, на амбасадорот не му е потребна никаква инструкција, ниту пак согласност од нашето МНР, за да реагира. Одбраната на државните и националните интереси е негова клучна и постојана обврска. Затоа се таму – и Амбасадата, и амбасадорот. Во врска со пописот во Албанија и третманот на Македонците коишто живеат во оваа земја, нашата Амбасада во Тирана се однесуваше спротивно на фундаменталните интереси на македонскиот народ.
Фактот што по интервенцијата на нашиот МНР, Муцунски, Тирана го променила „Северномакедонци“ во „Македонци“, е иако мал, сепак, наш дипломатски успех. Такво нешто не ни се случило, кој знае од кога? Тоа секако не било грешка, ама е и доказ дека, ако ние реагиравме порано, Тирана ќе мораше барем да балансира меѓу нас и Софија, и немаше да ги игнорира Македонците. Немаше да дозволи Бугарите да прават таков и толкав ‘ршум во пописот.
Да бидеме објективни – не може да се очекува амбасадорот, чии приоритет очигледно не се државните интереси, а го испратиле нашите досегашни предавници, да реагира поинаку од нив, бранејќи ги македонските интереси. Не оди, нели? Немаме податоци дали сега, кога се смени власта, и амбасадорот се освести, кој и да е тој? И дали го сврти грбот спрема ветрот? Фактот дека немаме никаков доказ дека тој се ангажирал околу пописните акробации на Тирана и Софија, покажува дека новиот ветар треба и него да го издува.
Секогаш е исто со ситните калкуланти. Речиси сум уверен дека тогаш, амбасадорот не добил инструкција од нашето МНР да не бранува околу бугарските мешања и албанските безобразни игнорирања на македонските интереси во пописот.
Тоа може да се провери.
Ситните душички тоа го чувствуваат и знаат како да си го чуваат задникот. Се’ додека толерираме такви бирократчиња коишто работат против заедничките интереси, ќе доживуваме срамни историски порази. Како до сега.
Промените со право веќе започнаа и треба и мора да продолжат со врвен интензитет. На дипломатски план има едно чудо за чистење. Не е само Тирана во прашање. Тука се и Софија, Рим, Њујорк…
Во анализата на овие случувања, не треба да забораваме дека интересите на Софија и Тирана, околу (не)постоењето на Македонците, се – идентични! Сите овие, и многу други потези на Албанија („Тиранската платформа“…), се дел од нивна долгорочна политика. За разлика од нашето однесување, коешто е катастрофално последниве години, тие играат маестрално и постојано бележат поени на наша сметка.
На Тирана, добрите односи со Софија и гарантираат поддршка на патот кон Брисел. Бришењето на Македонците, пак, им е заеднички интерес. Тоа е клучен исчекор и кон големоалбанскиот проект, и кон нашата бугаризација. Процесот за средување на Балканот е моментално свртен кон Македонија. Како ќе се третираат албанските општини во Црна Гора и во Јужна Србија, што ќе следува – не е јасно. Извесно е само дека се’ ќе заврши во Босна и Херцеговина. Војни нема да има, тоа е сигурно, ама нема да има ниту мир, уште долго.
Тие што не сакаат да веруваат во ова сценарио, нека ја прочитаат „Платформата за решавање на албанското национално прашање“, од 1998 година. Како генерална стратегија, таа е се’ уште актуелна. Тоа е државен документ којшто постојано се прилагодува, и филигрански се реализира, со огромна помош на единствената светска супер сила.
Да потсетиме – следната година по усвојувањето на Платформата, во 1999, започна војната на Косово, којашто заврши со бомбардирање на Белград, и со негово нелегално отцепување од Србија. Во 2000 година не успеа бунтот организиран за освојување на четирите општини во Јужна Србија, а во 2001, на ред дојде и Македонија. Од резултатите коишто до сега ги постигнаа кај нас, Албанците можат да бидат презадоволни. Ниту на сон не се надеваа дека толку лесно ќе не кутнат. И, што мислите? И платформата и сите тие настани беа случајни? Да не бидеме премногу наивни!
За крај, одговорно можеме да заклучиме дека Македонија, до сега, нема ништо направени за нашите малцинства во соседните земји, ниту за дијаспората. Македонската држава нема осет за Македонците што живеат надвор од земјата. Никој не се сетил дека за овие делови од македонскиот народ мора да се подготви обврзувачка и долгорочна стратегија.
Крајно време е да се промени овој игнорантни однос кон самите себе.