Попишувачите ги враќаат лаптопите, вториот човек на Статистика им вели да ги задржат

Ако веќе одлучиле да го променат Законот за попис, тогаш нека го сторат тоа што е можно побрзо, бидејќи и ние сме во незавидна ситуација, истакна заменик-директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС).

1,326

Попишувачите кои требаше в четврток да ја започнат статистичката операција денеска добиле порака да ги вратат лаптопите поради тоа што пописот на населението е одложен за септември, откако лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, вчера се согласија да се одложи пописот поради здравствени причини.

Но, заменик-директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Иљми Селами, не се согласува со ваквата одлука и смета дека е најдобро компјутерите да останат кај попишувачите сè додека е на сила Законот за попис.






– Ваквиот потег е погрешен. Утрово разговаравме и се согласивме дека попишувачите и реонските инструктори треба да ги задржат лаптопите, бидејќи сè уште е на сила Законот за попис. Имаме рокови кои треба да ги запазиме и принудени сме да ги почитуваме. Ако нè фати рокот кога треба да започне спроведувањето на пописот, ние ќе бидеме принудени да го спроведеме. Ја разбирам политичката одлука и волјата на институциите, на министерстватам на Собранието, но треба да се преземат побрзи чекори. Ако веќе одлучиле да го променат Законот за попис, тогаш нека го сторат тоа што е можно побрзо, бидејќи и ние сме во незавидна ситуација – изјави Селами.

За ова денеска реагираше и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој рече дека Обвинителството треба да покрене истрага за тоа што на попишувачите им било речено да ги вратат лаптопите.

– Има информации дека од Заводот за статистика им велат на попишувачите да ги вратат лаптопите. За ова Обвинителството да покрене истрага. Секоја друга опција би значела анархија. АА-А има механизми да тера до крај. Преку Бадентер ќе спречиме донесување на измени на законот за попис. Ги повикувам граѓаните да се попишат, попишувачите да продолжат со работата и да не се донесат во ситуација да одговараат – рече Села.

Поврзани содржини