ПОПИШАНИ СЕ 1.832.696 ЛИЦА Симовски вели во промили се бројат граѓаните кои не се попишале
Во дијаспората се самопопишани 204.805 македонски државјани, најмногу во западно-европските земји, а многу малку во прекуокеанските држави.
Во земјава се попишани 1.832.696 лица, додека преку интернет апликацијата, во дијаспората се самопопишани 204.805 македонски државјани, најмногу во западно-европските земји, а многу малку во прекуокеанските држави, соопшти вечерва на прес-конференција директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, откако го прогласи пописот официјално завршен.
Симовски не даде конкретна бројка за лицата кои одбиле да се попишат, но рече дека тоа се изразува во промили, а не и во проценти.
– Минимална е бројката на граѓани кои одбиле да бидат попишани. Но и тие граѓани кои не се попишани, или не е успеано да бидат попишани, ќе влезат во податоците, зашто се дел од базите на податоци – изјави диркторот Симовски.
Симовски рече дека граѓаните кои одбиле да се попишат ќе добијат соодветна пријава базирана на изјава од попишувач.
– Како овие пријави ќе завршат, тоа веќе не е во наша моќ – рече Симовски.
Тој им члестита на сите вработени во Заводот за статистика, на медиуимите, како и на други институции, бидејќи по 20 години имаме успешна статистичка операција на попис на населението.
Симовски рече дека конечните податоци ќе бидат објавени по шест месеци, но дека споредбата на податоците ќе се врши за време на обработката на податоците во наредниот период.