Попарени од Мартин Нешкоски, сомничави за Денис Тот
Убиството на Нешковски се случи пред 11 години, а датумот на неговата смрт слободно може да се толкува како почетокот на крајот на режимот на Никола Груевски.
Не можеш да сокриеш убиство, велеше на времето Гордана Јанкуловска, некогашната министерка за внатрешни работи. Тоа се однесуваше на убиството на Мартин Нешкоски, младиот симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ, кој ноќта кога неговата партија прославуваше убедлива победа на изборите, тој го загуби животот во пресметката со полицаец, кој иако не бил на должност го обезбедувал просторот каде што се наоѓаа партиските функционери.
Убиството на Нешкоски се случи пред 11 години, а датумот на неговата смрт слободно може да се толкува како почетокот на крајот на режимот на Никола Груевски. Во подоцна објавените „бомби“, дознавме дека одредени луѓе од МВР се обиделе да го скријат неговото убиство, а за истиот случај и премиерот лично се распрашуваше кај Јанкуловска. Во една од „бомбите“ таа ја кажа својата славна констатација – не можеш да сокриеш убиство.
11 години подоцна македонската јавност е разбранувана од убиството на Денис Тот. Хрватскиот ракометар, кого интернационалната судбина го доведе во тимот на Бутел од Скопје умре на КАРИЛ во петокот, откако претходниот ден бил доведен во бессознание на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.
Во претпладневните часови во петокот, јавноста во Македонија беше информирана од пишувањата во хрватските медиуми, кои се базираа на непроверени информации, а говореа дека тој бил претепан пред влезот на дискотека во Градски парк. Македонските медиуми беа немоќни да дадат точна информација, бидејќи од МВР не сакаа да дадат официјална потврда на случајот, а од КАРИЛ се одважија да дадат изјава за само еден медиум. Токму таа изјава и внесе голема забуна во следењето на случајот, бидејќи беше објавено дека кај Тот не се забележани повреди. Во меѓувреме тој почина, а во вода почнаа да паѓаат сите шпекулации дека тој бил претепан. Дури и неговиот брат Борис преку социјалните мрежи испрати апел до порталите да престанат да пишуваат измислени текстови, бидејќи причината за смртта на Денис не е претепување. Не знаеме кој од Македонија на Борис му кажал дека неговиот брат не бил претепан, но наредниот ден, во речиси исто време до медиумите стигнаа две соопштенија. Од Основното јавно обвинителство и од МВР симултано беше соопштено дека Денис Тот бил претепан од три лица. Две лица се уапсени, а по третиот е распишана централна потерница. Еден час подоцна се јави и министерот за здравство Беким Сали, кој иницираше инспекција за да се испитаат околностите под кои ракометарот бил примен и лекуван во болницата.
Треба да се потенцира дека известување за случајот со Тот, немаше во билтенот на МВР во петокот и во саботата претпладне. А од КАРИЛ дури вчера испратија соопштение до јавноста.
Да додадам и дека во целата какафонија од вистини и полувистини, посебен придонес дадоа и партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои со соопштенија и контра-соопштенија внесоа таков еден хаос во информирањето, предизвикувајќи преоптоварување на социјалните мрежи со прашања кого тоа власта сака да заштити и дали лицето во бегство е симпатизер на опозицијата. Ни едното ни друго не беше битно во моментот, но политичките ривали успеаја да станат главни ѕвезди во ситуација кога никој тоа не го побара од нив.
Да бидам јасен, не мислам дека некој намерно се обидел да го скрие претепувањето на Денис Тот, но државните институции мора конечно да станат свесни дека точното и правовремено информирање на јавноста е неопходно. Институцијата која веќе еднаш се обиде да сокрие убиство, мислам на МВР, мора да изнајде начин да го промени начинот на комуницирање со јавноста и да го модернизира сопствениот пристап кон медиумите. А од КАРИЛ ако немаат, тогаш нека ангажираат пи-ар експерти, кои во Македонија и онака ги има за извоз.