Понижувачки танц на своја музика

Мала нација мора да биде остра и енергична за да преживее, да има верба во себе, во своите можности и сили, во своите знаења. Факт е дека и многу посилни земји од Македонија себеси се нарекуваат како „мали“.

692

Македонија стана членка на НАТО, откако направи исклучително сериозни и тешки жртви и отстапки во однос на својот меѓународен статус, за да се покаже како добар ученик на европскиот пат. Но во исто време стремежите на Македонија во остварувањето на своите стратегиски цели, се покажаа како далеку понеефикасни и понеизвесни во доближувањето кон евроинтеграциите, и веќе со децении тешко се помрднуваат од мртвата точка пред портите на ЕУ.

Напорите на Македонија за обликување на сопствената иднина како мала земја во невралгичен регион продолжуваат со постојано соочување со нови предизвици, иако во државните политики, како на надворешен, така и на внатрешен меѓунационален план, – претворени во деструктивен простор исполнет со искршени огледала во чии парчиња се гледаат само парадоксално спротивставени делчиња од реалноста, – граѓаните сè потешко се препознаваат.






Во меѓународните односи неретко се случуваат низа контрадикторности, особено кога се во прашање слабите и тоа што тие треба да го прават. Мала нација мора да биде остра и енергична за да преживее, да има верба во себе, во своите можности и сили, во своите знаења. Факт е дека и многу посилни земји од Македонија себеси се нарекуваат како „мали“. Шведска, на пример, која има повеќе од пет пати поголемо население од Македонија, дваесетина пати поголем БДП, и е рангирана како седма економија по сила во ЕУ, како и 21-а економија во светски рамки, е една од европските земји за која нејзините лидери често велат дека е мала. Иако во сферата на меѓународната политика Шведска со децении уживаше углед на неутрална земја си силен капитал на морална суперсила во борбата за демократија, слобода и рамноправност, наспроти диктатурата и употребата на сила во меѓународните спорови и конфликти.

Времињата се менуваат, а со нив забрзано се менуваат и геополитичките односи. Руската инвазија врз Украина ја забрза и определбата на шведскиот државен врв да поднесе молба за прием во НАТО, напуштајќи ги со тоа своите добро познати меѓународни позиции на неутралност, што во период од двесте години на оваа скандинавска земја им обезбедуваше мир и стабилност. Ако неутралноста веќе не се чувствува како мерка за сопствената безбедност, тогаш ќе биде подобро да се даде придонес во изградбата на новото НАТО. Шведска, како и Македонија, одлучи да го побара своето место во колективната сигурност под одбранбениот чадор на Алијансата. Се разбира, противници на таквата одлука има и во двете земји, иако во Шведска, во која ретко кој се двоуми во осудата на руската инвазија, тие се можеби повеќе изразени меѓу оние што се против милитаризацијата, вртејќи го и понатаму погледот „носталгично“ кон традиционалната неутралност, додека во Македонија тешко може да се утврди кој за кого навива во војната во Украина.

Но со каков придонес би можело да се учествува? Тоа би можело да биде суштинско прашање? И тоа не само во воена смисла, бидејќи безбедноста е повеќе од само воени сили. Во воена алијанса за заштита на демократијата, индивидуалните слободи и правната сигурност би требало да доминираат токму такви вредности, поради заштита на мирот и колективната безбедност. Доколку трансатлантската врска ќе минува од САД до Источна Европа, до Полска и Балтикот, преку европските прогресивни земји, тогаш темелите на Алијансата треба да стојат стабилни. Оти кој ќе се заложи за демократијата кога ветришта на диктатурата дуваат силно?

Оттаму и придонесот на малите земји треба да биде согледан повеќестрано. „Големи во зборот, мали на земјата“, како што Шведска сакаше да ја види својата улога во светската политика, значи, како определба што всушност станува неопходност, а не претерување, и тоа кога визијата треба да се претвори во стварност.

Погледнато во кругот на НАТО-членките митот за придонесот на „малите“ земји е недоволно одмерен. Општественото уредување на некои земји, – како на пример скандинавските, – нивната работа во областа на животната средина и климата, мирот и безбедноста, како и борбата против сиромаштијата, има дава далеку подобра позиција во однос на нивната големина. Од подрачје во подрачје тие го поттурнуваат и водат светот напред.

Статистиката на глобалната истражувачка мрежа World Values Survey (WVS), ги споредува 30-те членки на НАТО, вклучувајќи ги двете кандидатки за членство, Шведска и Финска, како и Русија, давајќи рангирање на вкупно 33 земји во рамки на 44 индекси во неколку области. Кога се работи за демократијата и човечките права и слободи, вообичаено на врвот на табелата се токму „малите“ скандинавските земји, Данска, Норвешка, Финска и Шведска, додека на дното повторно се исчитува загрижувачкиот развој на Балканот. Од 29-то до 33-то место се рангирани Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Турција. И Русија, како последна.

И сите други индекси ги покажуваат истите трендови. Кога станува збор за Македонија, во областа на човечкиот развој, еднаквоста и социјалната правда, е рангирана на 30 место, во областа на еколошкиот одржлив развој, а што сигурно не е некакво изненадување, е пласирана на претпоследното 32 место, исто како и во областа на економијата, конкурентската сила и претприемништвото, каде што повторно е претпоследна, пред Албанија, која е на дното. Средната вредност на сите индекси во ова испитување во НАТО-контекст покажува дека од вкупно 33 земји Македонија е на 30-то место, додека на дното на табелата се Турција, Русија и Албанија, како убедливо последна.

Кој се наметнува како голем во зборот, а мал на земјата, е дискутабилно прашање. Што се однесува до примерот со Шведска, многумина ја гледаат нејзината улога во НАТО да се заложи за радикална и прогресивна агенда за една идна Европа во мир, слобода и демократија, а не да го подвитка грбот пред уцените и притисоците, барајќи се себеси во приспособувања и отстапки (пред Ердоган и неговите блокади), во понижувачки смртоносен танц на сопствен оркестар. Бидејќи, доколку стивне гласот на Шведска во светот, ќе останат само носталгичните чувства за големото време на неутралноста, која, всушност, сега е веќе мртва. Наместо тоа, време е, и тоа не само за Шведска, да се гради новото НАТО.

Македонија, пак, мошне тешко согледува каков придонес може да даде во меѓународни рамки. Ако би се изразиле иронично, повикувајќи се на резултатите од погоре споменатото рангирање, би се потсетиле на една опаска од страна на телевизијата „Јутел“ во периодот пред распаѓањето на поранешна Југославија, при што за Македонија беше речено: „Каква ви е тоа држава чиј Запад е Албанија“. Македонскиот претседател сега зборува дека не треба да се очекува странски експерти да ги решаваат егзистенцијалните проблеми на македонското општество, туку дека домашните задачи треба да ги направиме сами. За да се случи тоа, Македонија пред сè треба да излезе од понижувачкиот (идентитетски) танц пред притисоците на соседите, кој веќе со години го игра на сопствена музика. И да почне да работи, учејќи од туѓи вредни искуства – како мала „трошка“ на земјата, но со (по)голем збор што може да се слушне надалеку.

Поврзани содржини