Понижени, навредени, гладни, голи и боси

1,916

Нека проштева Достоевски, ама овде во оваа наша чудесна земја, која некои ја викаат Македонија, а други Северна, после 161 година од неговото прво објавување, треба да го надградиме и прошириме насловот на неговиот роман „Понижени и навредени“. Од први јуни оваа година, после укинувањето на и така скромните антикризни мерки за преживување на огромното мнозинство од македонскиот народ, новиот (македонски) проширен наслов на овој епохален роман треба да гласи: „Понижени, навредени, гладни, голи и боси“.

Сакал некој или не, се согласил или не, му се допаднало или не, за жал, петте зборови од насловот се реална слика и прилика на целокупните денешни македонски состојби.






Соседна Грција, со сесрдна поддршка на „цивилизирана, демократска и праведна“ Европа, а, се разбира, по сопствена волја на македонската власт, спротивно на волјата на мнозинството македонски граѓани и неуспешниот референдум, нѐ понижи дотаму и назад. Ни го смени или, поточно, нашата власт, без народот, го смени името.

„Браќата“ од Исток секојдневно и нѐ понижуваат и нѐ навредуваат со нивното „вето“ и нивните тврдења дека сме национално неосвестени и не знаеме дека сме биле Бугари и дека јазикот ни бил бугарски.

Сопствената власт, пак, и нѐ понижува и нѐ навредува и, барем половина од населението, ќе го остави и гладно и голо и босо.

Во време кога цел свет бара начин како да го заштити стандардот на своите граѓани, нашиве „генијалци“, во и така најсиромашната држава во Европа, ги укинуваат и тие какви-такви антикризни мерки. Зарем е можно во сите владини кабинети да нема ниту еден кој ќе постави само едно здраворазумско прашање: Како еден пензионер, во услови на ваква скапотија, може да преживее со десет или единаесет илјади денари (големата армија маченици кои земаат пензии во првата група)?

Просто неверојатно! Што касмет ќе имавме ние Македонците?

Место напред, триесет и кусур  години, со секоја нова власт,  „возиме“ назад или, што би рекол Трајче Кочо: – Прудолу, прудолу и в тумба!

Поврзани содржини