Поништувањето на лустрацијата тешко се пробива низ собраниските ходници
Во принцип сите закони кои биле предложени во претходниот собраниски состав, а кои не дошле на дневен ред на пленарна седница не се префрлаат во новиот парламентарен состав. Сега таков предлог-закон нема во Собранието, вели Џафери.
За поништување на лустрацијата најверојатно ќе треба до Собранието да се достави нов предлог закон од Владата, пратениците, преку иницијатива со потписи на граѓани или пак да се активира законот предложен од минатата влада, бидејќи во спротивно тој нема да дојде на дневен ред во новиот собраниски состав.
Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството вчера од претседателот на Собранието Талат Џафери побара на собраниска седница итно да го стави предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правните акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, со цел заштита на правата на лустрираните и нивните семејства и минимизирање на последиците и штетите кои ги трпеле, како и заради заштитата на нивниот личен интегритет и достоинство.
Претседателот на Собранието Џафери за Плусинфо вели дека ќе побара собраниските служби да проверат дали таков предлог-закон има доставено до Парламентот, иако тој како што вели, е убеден дека во изминативе два месеца од работата на новиот парламентарен состав нема стасано таков предлог. Тој не се сеќава дали во минатиот парламентарен состав имало предлог закон за поништување на лустрацијата.
– Во принцип сите закони кои биле предложени во претходниот собраниски состав, а кои не дошле на дневен ред на пленарна седница не се префрлаат во новиот парламентарен состав. Сега таков предлог-закон нема во Собранието. Ќе проверам. Но ако невладините сакаат таков закон да биде предложен, треба да напишат иницијатива и да ја испратат до пратениците, Владата или преку граѓани со собрани 10.000 потписи – вели Џафери.
Иако побаравме од пратеничките групи не успеавме да добиеме став дали би предложиле и поддржале закон за поништување на лустрацијата.
Во претходниот мандат на Собранието во јануари предлог-законот за поништување на лустрацијата влезе во парламентарна процедура, но не дојде до пленарна седница за усвојување, бидејќи опозицијата се закани дека ќе го блокира законот на Комисијата за политички систем. Законот беше предложен од Владата, односно од Министерството за правда.
Тогаш ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да го поддржи законот бидејќи „Зоран Заев сака да ги аболицира кодошите“. Од СДСМ тогаш беа на став дека ВМРО-ДПМНЕ ја „злоупотребило лустрацијата за политички, партиски и за лични цели“.
Владиниот предлог-закон предвидуваше лустрацијата да стане ништовна, односно сите правни акти, дејствија и мерки донесени од Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи да бидат ништовни.
Од 2008 до 2015 лустрацијата во Македонија, преку два закона, опфати неколку стотина луѓе, од кои дел познати јавни личности.
Комисијата за лустрација престана да постои во септември 2017 година. Во Македонија беа лустрирани 300 лица, а Комисијата за верификација на фактите проверила 30.000 лица.
Процесот на лустрација беше обележан со контроверзи, а сериозни забелешки за начинот на водење на постапките имаше и дел од меѓународната заедница.