ПОНГ ГО ИГНОРИРА БУГАРСКИОТ ПИНГ Ковачевски не сака да го коментира тоа што Пендиков добива ВИП третман во Софија
Во врска со провокациите од Александар Јорданов, македонскиот премиер смета дека „во иднина треба да се остава што помалку простор за такви каков што е посочениот господин, но и за други коишто ги интересираат само провокации и нарушување на добрососедските односи на нашата држава со другите земји од регионот“.
Откако министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека треба да престанат пинг-понг обвинувањата меѓу Софија и Скопје, денеска премиерот Димитар Ковачевски одби да ги коментира потезите со кои бугарските власти од секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, се обидуваат да направат херој.
Пендиков настрада во се уште нерасветлена тепачка во Охрид, при што се здоби со повреди и со бугарски владин авион итно беше пренесен на лекување во Софија.
– Бугарските власти можат да издадат државјанство, или да подарат стан, на кого било, а ние не можеме да се мешаме во нивните одлуки и активности кои ги преземаат, исто како што никој не може да се меша кај нас, доколку ние решиме да го направиме тоа со некој граѓанин – изјави денеска Ковачевски.
Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, на прес-конференција соопшти дека Пендиков во најбрз можен рок ќе добие бугарско државјанство. Тој ќе добие и времено живеалиште, додека престојува во Бугарија. Според Милков, Пендиков се плаши за својот живот и затоа се размислува и опцијата да му се даде и лично обезбедување.
Пендиков беше примен и од бугарскиот претседател Румен Радев. Во таа прилика, Радев изјави дека Бугарија веќе нема да толерира насилство од РСМ.
Радев ѝ честитал на мајката на Пендиков за тоа што „одгледала достоен син“, а на Христијан „за храброста да го одбрани своето бугарско име“.
– Бугарија ќе ги користи сите национални и меѓународни инструменти за заштита на нивните права – рече Радев, додавајќи дека Софија ги информирала и меѓународните партнери за уште една антибугарска кампања во РСМ.
Како потврда на заштитничкиот третман од официјална Софија, Пендиков, како што објавија бугарските медиуми, се сликал со претседателот Радев и потпретседателката Илијана Јотова.
Во стилот на Понг кој не одговара на Пинг, Ковачевски ги коментираше и навредите изречени од бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во земјава Александар Јорданов. Тој во објава на Фејсбук упати навреди и пцости за Македонците по чествувањето на Гоце Делчев на 4 февруари.
– Сметам дека во иднина треба да се остава што помалку простор за такви каков што е посочениот господин, но и за други коишто ги интересираат само провокации и нарушување на добрососедските односи на нашата држава со другите земји од регионот, бидејќи тоа се личности и политички партии кои не сакаат да го видат овој регион во ЕУ – рече Ковачевски.
Ваквите изјави доаѓаат откако вчера Стејт департментот на САД ја поздрави „деескалацијата на реториката“ меѓу Софија и Скопје.
Посматрачите во Скопје, за жал, засега не можат да видат никаква деескалација од софиска страна. Но ете, можеби Понг гледа нешто што ние не го гледаме.