Помош за семејствата без приходи: По 700 денари ќе добијат учениците од основно и по 1000 денари децата од средно образование

Владата донесе уредба правото на образовен додаток да продолжи да се исплаќа без разлика на тоа што во моментов немаме редовна настава. Целта е да се олесни пристапот на семејствата без приходи, рече Шкријељ.

7,210

Со вториот пакет мерки, покрај заштитата на работните места, една од клучните работи е и паричната помош на лицата и на семејствата на кои им е најпотребна, рече заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, на денешната прес-конференција.

Тој објасни дека на лицата кои останале без работа или биле дел од неформалната економија, сега им се овозможува брз влез во системот за социјална заштита преку остварувањето на правото за добивање минимална гарантирана помош.






– Материјалната необезбеденост на лицата ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи што ги добиваат сите членови во семејствата сметано од последниот месец наместо досегашните три месеци. Оваа мерка ќе важи за април и за мај. На ваков начин покажуваме дека системот на социјална заштита лесно се прилагодува на потребите на граѓаните и стигнува до оние на коишто помошта им е најпотребна. Предвидовме уште една мерка за поддршка на корисниците на социјалната заштита, кои ќе добијат дополнителна исплата на додаток за месеците април и мај. Тоа се околу 30.000 корисници кои ќе добијат по 1.000 денари за април и мај – рече Бајрактар.

Дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ, која исто така присуствуваше на прес-конференцијата, рече дека секој поединец заслужува еднаква грижа, а приоритет, додаде таа, секогаш се децата, бидејќи тие се најранливи на сите овие стресови за време на кризните ситуации.

– Значајно е семејствата без приходи да добијат дополнителна поддршка. На вчерашната седница, Владата донесе уредба правото на образовен додаток да продолжи да се исплаќа без разлика на тоа што во моментов немаме редовна настава. Целта е да се олесни пристапот на семејствата без приходи. Околу 17.000 деца ќе добијат право на образовен додаток, 700 денари за децата од основно образование и 1000 денари за децата од средно образование – рече Шкријељ.

Во однос на видеото што вчера беше објавено на социјалните мрежи, а на кое се гледа како двајца штипјани крвнички тепаат една девојка, Шкријељ порача дека системот за социјална заштита функционира и дека сервисите работат непречено.

– Ги охрабрувам сите жртви на семејно насилство што имаат потреба од помош и од поддршка да се обратат во центирете на социјална работа – рече Шкријељ.

Таа исто така посочи дека во земјава во моментов се регистрирани вкупно 239 бездомни лица, но дека за нив се обезбедени услови за привремено сместување.

– Координирани сме со припадниците на МВР и на бездомните лица им се обезбедува сместување, храна и здравствена заштита. Во моментов имаме регистирано вкупно 239 бездомници – рече Шкријељ.

Поврзани содржини