ПОМОГНАЛЕ ВО ИЗВРШУВАЊЕ УБИСТВО, ДОБИЈА ПО 5 ГОДИНИ ЗАТВОР Пресуда за турските државјани за ликвидацијата во Штип
Основниот суд во Штип им изрече и казна протерување странец од земјата, кое ќе трае засекогаш, а ќе се изврши по издржувањето на 5-годишната затворска казна.
Турските државјани Рамазан Аџет, Селахадин Арслан и Осман Метихан Кулдруд добија казна затвор по 5 години, бидејќи во мај 2025 година му помогнале на Кадир Кара во извршување на убиство, во кафуле на градскиот плоштад Слобода во Штип.
Судечкиот судија во Основниот суд во Штип, Јулијана Недкова денеска ја објави пресудата за четворица обвинати за помагање во извршување убиство.
– Судот ги осудува обвинетите Рамазан Аџет, Селахатин Арслан, Осман Метихан Кулдруд како помагачи за сторено кривично дело Убиство на казна затвор од по 5 години. Во изречената казна затвор на обвинетите, сите од Турција, им се пресметува и времето поминато во притвор, сметано од 5 мај 2025, па сè додека притворот трае. Судот им изрекува и казна протерување странец од земјата, кое ќе трае засекогаш, а која ќе се изврши по издржување на изречените казна затвор во траење од по 5 години – рече Недкова при изрекувањето на пресудата во Основниот суд во Штип.
Четвртообвинетата доби 3 месеци казна затвор. Таа била во притвор, а потоа и во куќен притвор, со што ја издржала казната.
Убиецот Кадир Кара, кој призна вина, е осуден на затворска казна од 17 години и протерување од државата, откако ќе ја издржи казната во македонски затвор.
На денот на убиството, околу 18.30 часот, тројца од обвинетите го превезле Кара со автомобил од Скопје до Штип. Претходно, преку социјални мрежи тој договорил средба со жртвата во „Вами кафе“ на штипскиот плоштад. По кратко задржување, Кара се упатил кон тоалетот, по што се вратил со изваден пиштол и испукал 6 куршуми кон 25-годишниот студент, кој починал во болница поради обилно крварење.
По убиството, групата се обидела да ја избегне полициската потрага, па повикале женско лице, студентка на трета година по медицина во Штип, да ги превезе назад за Скопје. Таа, иако знаела дека е извршено убиство, прифатила да им помогне.