ПОМИРУВАЊЕ МОЖЕ ДА ЗНАЧИ УБЛАЖУВАЊЕ НА КАЗНАТА, НО НЕ И ПРОСТУВАЊЕ НА ДЕЛА Битиќи би се „помирил“ со Груевски за доброто на државата
Подготвен сум за доброто на државата да се согласам со условите што ми се поставени, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостување на ТВ21.
Дали власта може да се пазари со гласови за уставните измени во замена за враќање на експремиерот Никола Груевски?
Ова прашање вчера му беше поставено на потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, кој во студиото на ТВ21 одговори дека е подготвен за доброто на државата да се согласи со условите што му се поставени.
– Јас сум првиот што седнува и зборува за помирување, ако резултатот од тоа помирување може да донесе појасна иднина за државата и идните генерации кои треба да живеат овде – рече Битиќи и појасни дека вклучено е и враќањето на Груевски.
Тој, сепак, потенцираше дека „помирувањето не значи амнестија“.
– Помирувањето може до некаде да ја ублажи казната. Нема простување на дела – истакна Битиќи.
Вицепремиерот повтори дека прв албански премиер останува дел од договорот меѓу партнерите од коалицијата СДСМ и ДУИ, и не ја исклучи можноста токму тој да ја извршува оваа функција.
– Тоа може да се поништи само со нов договор меѓу двајцата лидери на двете партии кои го направија овој договор. Подадената рака за договор останува подадена рака и останува дека во последните 100 дена ќе има премиер Албанец – рече Битиќи.