ПОЛСКИ „МИГОВИ“ ПРЕСРЕТНАА РУСКИ ШПИОНСКИ АВИОН Илјушин-20 се користи за електронско собирање информации

Москва ги тестира одбранбените способности на сојузниците на источното крило на Алијансата, сметаат западни експерти за безбедност.

340

Полските воздушни сили денеска повторно пресретнаа руски извидувачки авион Ил-20 кој летал над Балтичкото Море без активен транспондер и без поднесен план за летање. Инцидентот го потврди полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш, кој рече дека ова е втор ваков случај во само неколку дена.

Според официјалното соопштение, два ловци МиГ-29 на Полската армија добиле наредба за полетување и визуелна идентификација на непознатото летало во меѓународниот воздушен простор. Рускиот авион бил извидувачки модел Ил-20, кој често се користи за електронско набљудување и собирање информации.






Полските власти соопштија дека рускиот авион не влегол во полскиот воздушен простор, но дека летот бил изведен без координација и со исклучен систем за препознавање, што претставува безбедносен ризик и провокација.

Ова е втор инцидент од истиот тип оваа недела – претходно, во вторникот, полските ловци реагирале на сличен случај кога друго руско летало било забележано над Балтичкото Море под идентични околности.

Според анализите на безбедносни извори, овие летови се дел од повторливи активности на Русија за „тестирање“ на реакцискиот систем на НАТО-земјите. Таквите акции, иако формално не ја прекршуваат меѓународната граница, се сметаат за провокативни и опасни поради можни недоразбирања во воздух.

Полската армија соопшти дека ситуацијата е под контрола и дека сите интервенции се извршени во согласност со процедурите на НАТО за воздушна безбедност.

На Запад, ваквите летови веќе се оценуваат како дел од поширока стратегија на Москва да ги тестира одбранбените способности на сојузниците на источното крило на Алијансата, особено во контекст на војната во Украина и засилената воена активност на границите со Русија.

Полското Министерство за одбрана најави дека ќе продолжи со засилено воздушно набљудување и координација со партнерите во НАТО во рамки на мисијата Air Policing, која има за цел да спречи неовластени и ризични летови во регионот.

Поврзани содржини