Денеска во Македонија ќе пристигне помошта од Полска која се состои од средства за дезинфекција и маски а е наменета за шест држави од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.
Во вторникот од Варшава тргна конвојот кој носи повеќе од 60.000 литри средство за дезинфекција на површини и раце и 600.000 хируршки маски (вкупно скоро 70 тони), наменета е за болници и за лица на кои таа им е најпотребна во целиот регион.
Помошта одговара на тековните потреби на земјите приматели, пријавени меѓу другото, како дел од Евро-атлантскиот центар за дејствување во случај на катастрофи (ЕАДРЦЦ) на НАТО (се однесува на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија).
– Полската хуманитарна помош за Западен Балкан е потврда за важноста која им ја придаваме на пријателските односи со земјите од регионот и кои се интензивираат во последните години. Полска постојано и активно ги поддржува земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон европската интеграција. Ова важи како за политичката сфера – Полска е еден од најактивните поддржувачи на политиката за проширување на форумот на ЕУ, така и за практичното споделување на нашите искуства од периодот на пристапните преговори со земјите од регионот. Активно учествуваме во обезбедување на стабилност и безбедност во регионот, преку Полските воени контингенти како дел од силите на КФОР во Косово и операцијата ЕУФОР /АЛТЕА во БиХ, полициската мисија на Специјалната единица на полската полиција во рамки на мисијата ЕУЛЕКС во Косово, или поддршката на Полската гранична стража за Северна Македонија (во 2019 година имаше дванаесет контингенти во кои секој пат учествуваа по 30 припадници на Граничната полиција со опрема и уреди) – изјави амбасадорот на Република Полска во Северна Македонија, г-дин Војциех Тицињски.
Односите со Западен Балкан ќе бидат еден од суштинските елементи на полското претседателство со Вишеградската група, кое започнува на 1 јули годинава.
Обезбедената помош е симболичен израз на меѓународната солидарност на Полска во контекст на борбата против пандемијата ковид-19 и нејзините негативни социо-економски ефекти. Од почетокот на пандемијата Полска го истакнува значењето на меѓународната соработка.
– Наша морална должност е да покажеме солидарност и да им помогнеме на другите во ова тешко време. Претходно Полска веќе обезбеди помош во контекст на борбата против ковид-19 меѓу друго за Италија, Шпанија, Украина и Белорусија. Планирани се понатамошни хуманитарни активности – додаде амбасадорот Тицињски.